Филипче во Прилеп: ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето од третиот ешалон на Груевски


 

При отворањето на новиот изборен штаб во Прилеп, поранешниот министер за здравство и носител на листата на СДСМ во Изборната единица 4, Венко Филипче, рече дека ВМРО-ДПМНЕ не нудело никаква промена и дека граѓаните го знаеле тоа и го гледале. Тој нагласи дека во ривалската партија се истите луѓе кои порано биле во третиот ешалон во владите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година.

„ВМРО-ДПМНЕ има една единствена цел, како да ги остварат личните и партиски цели. Ним им се само важни политички кариери и владини фотелји, граѓаните ќе ги заборават преку ноќ ако дојдат на власт. Со право многумина велат дека тие биле најдеструктивната опозиција во историјата на македонскиот парламент“, рече од Прилеп Филипче.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ само за политички поени ги блокираа и антикризните мерки и финансиската поддршка за граѓаните во време на пандемија.

Дополнително, Филипче истакна и дека прилепчани не се задоволни ниту од локалната власт.

„Погледнете го Прилеп и градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали се прилепчани задоволни? Секако дека не се, ова е само пример како ќе работи ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво доколку дојде на власт“, рече Филипче.

Филипче го повика членството да се обедини за победа на изборите и да ги остават суетите настрана.

„Јас верувам дека можеме да направиме резултат кој никој не верува дека ќе го направиме. Но, за тоа прво ни е потребна една работа, еден предуслов, да бидеме обединети“, порача Филипче.

„Нашите противници нè делат и во медиумите нè претставуваат како поделени, тоа е во нивни интерес. Ниеден член на СДСМ, ниеден симпатизер нема корист ако партијата е поделена, од тоа корист имаат само оние кои ни мислат добро. Јас знам дека на крај ќе излеземе обединети и ќе им го покажеме местото“, рече тој.