Филипче тврди дека расположението се менувало во корист на СДСМ


Венко Филипче во штабот на СДСМ во Валандово

 

Венко Филипче, кој е носител на листата на СДСМ во Изборната единица 4 за време на посетата на изборниот штаб во Валандово во понеделникот вечерта изјави дека СДСМ добива зголемена и силна поддршка на терен.

„По една недела на терен и средби со граѓани, морам да истакнам дека се чувствува обединетоста и мобилизација на гласачите на СДСМ кои се повторно повторно да ни дадат поддршка. По објавата на носителите и листите, очигледна е промената во расположението и тоа треба да нѐ мотивира. СДСМ понуди одлични кандидати наспроти ВМРО-ДПМНЕ која понуди слаба листа, инкриминирани носители кои немаат поддршка во овој регион, но и пошироко“, рече Филипче.

Тој оцени дека СДСМ може да има подобар резултат од локалните избори пред две и пол години и ги мотивираше членовите да излезат на терен и чесно да ја претстават понудата на СДСМ пред граѓаните. Филипче рече дека е доблесно да признаат онаму каде што партијата погрешила и тоа е одлика на големите партии. Тој исто така потсети дека граѓаните се сведоци на сите реформи, антикризни мерки и сите достигнувања во меѓународните рамки, наспроти она на кое работеше опозицијата. 

Според него, СДСМ по седум години владеење направи и грешки кои чесно треба да се признаат. Тој верува дека граѓаните веруваат и знаат дека СДСМ имаше искрени намери и не се криеше во најтешките моменти кои ги помина државата, додека ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотреби секоја криза и блокираше сè што е во интерес на граѓаните за свој политички интерес. 

„Лоша влада се формира кога добри луѓе ќе останат дома и нема да гласаат или ќе гласаат само за да казнат некоја партија. Ние мораме да го пресретнеме тоа, да го искомуницираме и да им кажеме на незадоволните дека сме тука и да се корегираме таму кадешто треба, но дека нема друга опција освен СДСМ за државата да продолжи напред“, рече Филипче

Лажните патриоти од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да ги манипулираат граѓаните, истакна тој. ВМРО-ДПМНЕ е партија на опортунисти кои ги интересира само власта и ништо друго, нагласи Филипче.