Филипче со ултиматум до Мицкоски: Да го повлече укинувањето на техничката влада или ќе излезе од преговорите за Изборниот законик
Лидерот на СДСМ Венко Филипче му постави ултиматум на премиерот Христијан Мицкоски Владата да ги повлече измените со кои се укинува техничката влада или СДСМ ќе ја напушти работната група за Изборниот законик.
„На овој начин, што е целосно автократски манир на владеење, оваа влада не треба и не може да се укине. Таа е единствен гарант за спроведување на фер и демократски избори. Кога власта има целосна контрола врз судството и се именуваат партиски послушници за судии и обвинители, кога премиерот со своите чувства дели наредба на обвинителите и кога не се знае како и на кој начин се употребуваат податоците од системот Безбеден град, ова едноставно не смее да се случи.
Ова е еднакво на манирот на владеењето на Никола Груевски од 2006 до 2016 година. Доколку денеска овој закон помине на комисија и власта продолжи да ја тера собраниската процедура, нашата пратеничка група се повлекува од работната група за Изборниот законик. Овој закон за укинување на пржинската влада мора власта да го повлече. Вакви автократски манири не се дозволени и нема да прифатиме“, се закани Филипче.
Тој посочи дека како партија мора да укажат и граѓаните да знаат со каква власт имаат работа и зошто, како што нагласи, се бега од контрола и механизам што гарантираат фер и слободни избори.
„ Ова е автократска власт. Апсолутно корумпирана. Зошто не сакаат да остане пржинската влада. Од што се плашат и бегаат“, нагласи Филипче.
Филипче исто така изрази уверување дека ќе има предвремени избори посочувајќи дека затоа им се брза со овие законски измени.
„ Им се брза зашто снемува пари во буџетот за нивните бизнис-интереси. Се брза да се донесе законот за да се распишат предвремени избори. Законот за избори не може да се донесе без нашата пратеничка група“, нагласи Филипче.