Филипче: Предлогот на Димитриевски како да е напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ


 

Носителот на листата на кандидати за пратеници на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 4, Венко Филипче, од митингот во Радовиш побара партијата да се обедини на изборите на 8 мај.

„Секоја партија силата ја црпи од единството. За жал, ни се повторува историјата од 2006 година и повторно се соочуваме со поделба. Секој кој вистински ја поддржува СДСМ, кој е социјалдемократ и верува во вредности на слобода, правда, еднаквост, не може и не смее да остане рамнодушен на оваа состојба. Сите добро знаат што значи слаб и поделен СДСМ за иднината на државата. Тоа значи власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ без контрола, насилна власт која ќе злоупотребува и гази сè пред себе“.

Тој зборуваше и за барањето на лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, целото раководство на СДСМ да си поднесло оставки за да може да разговараат за соработка со неговата партија.

„Ја слушнав понудата која партијата ЗНАМ ја даде јавно до СДСМ. Дозволете ми да ја кажам вистината за овој политички маневар на Максим Димитриевски. Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда. Ваквата понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство на партијата. Таа е направена со цел да биде одбиена. Нема чесни намери во делувањето на Максим Димитриевски кон СДСМ или членовите на партијата за кои наводно го болело срцето. Неговиот предлог, кој повеќе личи напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, е само алиби да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, во која е ефективно уште од 2021 година. Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ“, рече Филипче.

Според него, сега не е клучното прашање дали СДСМ ќе оди во опозиција. „Клучното прашање е што е на другата страна, која е алтернативата, дали Македонија може да остане на стратешкиот колосек со нив? Ниту една грешка на СДСМ не е толку голема за да го оставиме ВМРО-ДПМНЕ да нè враќа назад како држава. Ниту една грешка не е толку голема да ги оставиме да нè понижуваат и потценуваат. Затоа, апелирам до секој од вас да смогнете сила, заедно да одработиме за достоинствен изборен резултат“, рече Филипче.