Филипче повикува да се запре изградбата на дата центри
Веќе еден месец предупредуваме што прави Владата на Мицкоски. Ненародната Влада не може да обезбеди чиста вода за граѓаните во над 50 населени места, увезува скапа струја, ама по секоја цена сака да ги жртвува и водата и струјата за профити, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во видеоизјава.
„Во Пехчево на мала врата денеска се обидоа да протнат изградба на дата-центар. Под притисок на СДСМ, на советниците на СДСМ и на јавноста точката се повлече од дневен ред.
Но тоа не значи дека власта се откажала од идејата.
Затоа повикувам на национална мобилизација да спречиме водата и струјата да паднат во раце на профитери на грбот на народот.
Мицкоски и ВМРО-ОКГ сакаат водата и струјата на граѓаните да ги продадат и да ги стават во функција на странски дата-центри за сопствени тендерски профити.
Да се богатат блиските до Мицкоски и ВМРО-ОКГ на штета на граѓаните.
На крајот, кој ќе ја плати таа струја? Граѓаните преку повисоки сметки.
Кој ќе нема вода? Граѓаните.
Каде ќе оди затоплената вода? Никој не кажува.
Ги повикуваме сите советници во советите во државата да се обединат и да спречиме водата и струјата да паднат во рацете на профитери на грбот на народот.
Мораме да го запреме ова зло што ни се подготвува. Можеме само сите заедно. Ги повикувам и сите граѓани. Мораме да ги запреме дата-центарите“, вели Филипче.