Филипче на средба со лозарите: СДСМ ќе поднесе закон – пет денари повеќе за секој килограм грозје
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче при денешната посета на тиквешкиот регион најави дека ќе се поднесе закон – пет денари повеќе за секој килограм грозје.
– Денеска сме во посета на тиквешкиот регион, имаме средби со земјоделците, со лозарите, кои сега се наоѓаат среде процес на берба на грозјето и грозјето го спремаат да го продадат. За жал, како и минатата година – истите проблеми, истиот суров и нечовечен однос од страна на премиерот Христијан Мицкоски и целата влада, од министерот за земјоделство кон лозарите, поради тоа што нудат понижувачки откупни цени на грозјето – подвлече претседателот на СДСМ.
Филипче истакна дека трошоците за производство се многукратно зголемени.
– Колкава е само цената на горивото. Понатаму, трошоците се зголемени и за работната рака, 2.000 денари им бараат луѓето коишто го берат грозјето. Зголемена е цената на водата и секако, енормно зголемена е цената и на ѓубривата со што се ѓубри земјиштето. Затоа, бараме итно да се зголемат откупните цени и во таа насока, ќе дадеме предлог-закон во Собранието, со кој закон, откупната цена на сите сорти на винско и трпезно грозје ќе се зголеми за пет денари по килограм – најави Филипче.

Понатаму, појасни тој, да се укине попустот од осум проценти, што винарите го нудат, додаде, како предуслов да ја платат веднаш целата количина на грозје што ќе ја откупат.
– Трето, да се донесе интервентна мерка, затоа што има најави дека не целото црно грозје ќе биде откупено – целото. Црното грозје што ќе им остане на лозарите, да биде откупено од страна на државата. И ова е најмалку што заслужуваат нашите лозари – ова е најмалку што заслужуваат овие луѓе, кои од сабајле до вечер на ова јако сонце, работат да ги прехранат своите семејства, луѓето кои ги извадиле последните заштедени пари во текот на минатата година да купат ѓубриво, да ги платат работниците, да платат гориво, да платат вода, со цел оваа година да има соодветен род. Ова е најмалку што оваа ненародна предавничка власт на Христијан Мицкоски, може да направи за овие луѓе – рече Филипче.