Филипче: Изборите ќе мора да се одржат со здравствен протокол

-До крајот на неделава ќе бидат готови сите протоколи за функционирање на објектите. Нема сѐ и нема веднаш да започне со работа, но едно е сигурно – имаме ново свето тројство: носење маска, одржување дистанца и задолжителна дезинфекција на раце, рече министерот.
Следната недела ќе се знае и кога ќе се врати администрацијата на работа. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека до крајот на неделава Комисијата за заразни болести ќе одлучи како да се имплементираат мерките, а од следната недела тие ќе почнат постепено да се имплементираат.
-Мерката носење заштитна маска, доколку се почитува, може да дозволи постепено враќање и организација на работните единици, компании и администрацијата во функција. Треба да најдеме и соодветно решение за градинките. Оваа недела подготвуваме сѐ во рамки на активностите на Комисијата за заразни болести и веројатно од следната недела постепено ќе се имплементираат овие мерки и тоа дел по дел така како што ќе одредат експертите, изјави министерот Филипче.