Филипче ги повика луѓето од Платформата на дебата во СДСМ. Не се планираат исклучувања од партијата


        

Претседателот на СДСМ вечерва во интервју за Сител изјави дека не се планира исклучувања од партијата на луѓето што беа на затворената средба за реформи на партијата и ги повика таа дебата да се води внатре во партијата. Венко Филипче рече дека Платформата што се промовира надвор од СДСМ најмногу потсетува на моделот на ЗНАМ, бидејќи се прави надвор од партијата, наместо дебатата да се води во рамките на партијата.

Филипче нагласи дека секоја искрена намера за придонес кон СДСМ треба да се реализира во рамките на партијата, каде што вратите се отворени за разговор, дебата и вклучување во процесите. Според него, кога активностите се водат надвор од партиските структури, наместо обединување, се создава фрагментација и немир кај членството.

„Ова што се прави сега најмногу потсетува на ЗНАМ, затоа што се прави надвор од рамките на партијата. Ако е искрена намерата, треба да се даде придонес во рамките на партијата“, рече Филипче.

Тој рече дека на сите што учествуваа во дебатата за Платформа им била понудена можност да бидат дел од партиските процеси.

„Сите тие се поканети во партијата, разговарано е со нив, понудено им е да бидат дел од процесите, дури и од органите и телата на партијата“, истакна Филипче.

„Зошто се создава немир кај членството кога сега веќе има консолидација и работата почнува да оди добро и постепено, и  постепено рејтингот почнува да се зголемува. Ако е потребно единство, како што и тие велат, зошто прават работи кои водат кон фрагментација? Зошто не доаѓаат во партијата, во која вратите се отворени? И тие тоа многу добро го знаат, затоа што им е таму местото“,  рече претседателот на СДСМ, Венко  Филипче.