Филипче: Економската криза е од лошото владеење на ДПМНЕ, 62 милиони евра изгореа за увоз на струја
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „360 Степени“ истакна дека додека СДСМ беше на власт, приоритет во услови на кризи беше заштитата на граѓаните и економијата, за разлика од денешната состојба со енергетскиот сектор.
„Кога ние во еден добар дел од нашето владеење сме соочени со криза што треба да направиме, да ги заштитиме граѓаните. Дали ги заштитивме да. 2 милијарди евра отидоа како мерки поддршка кон граѓаните дел од тие пари сега се враќаат. Пари коишто отидоа кај граѓаните и кај компаниите да се заштитат компаниите“, нагласи Филипче.
Тој посочи дека со тие мерки биле зачувани работни места, спречено затворање на компании и обезбедена директна поддршка за домаќинствата.
„Над 80 илјади вработници беа заштитени, 20.000 компании не се затворија поради нашата поддршка, сметките за струја беа субвенционирани за сите граѓани, за сите граѓани. 600 илјади семејства беа поддржани преку сметките за струја“, рече Филипче.
Филипче потсети дека тогаш државата интервенирала во услови на далеку поскапа електрична енергија, додека денес, и покрај пониските берзански цени, граѓаните повторно се соочуваат со поскапување.
„Тогаш цената на струјата беше пет пати поскапа отколку што е сега, пет пати а сега гледајте ќе има поскапување на струјата за три проценти“, истакна тој.
Според Филипче, причината за новиот удар врз граѓаните е лошото управување со домашните енергетски капацитети и неконтролираниот увоз.
„Со поскапувањето на струјата поради тоа што лошо се менаџира енергетскиот сектор не работи РЕК Битола туку само се увезува струја… 448 илјади мегават часови… и е платена струја по 140 евра мегават час, а можело да се произведе за 80-90 ако добро работеле нашите производствени капацитети… Не може така да ја пуштите енергетиката и само да ја увезувате струјата 62 милиони евра се потрошени за тоа, само за увоз за струја“, порача Филипче.
Тој посочи дека актуелната власт манипулира со економските бројки и лажно прикажува раст на бруто домашниот производ, додека реалноста е дека граѓаните имаат сè помалку пари.
„Дали знаете дека 2/3 од нашиот бруто домашен производ се должи на персоналната потрошувачка и самиот раст на цените односно инфлацијата влијае на тоа да бруто домашниот производ расте?“, посочи Филипче.
Тој нагласи дека вистински и одржлив економски раст се создава преку капитални инвестиции со додадена вредност, кои ја зголемуваат продуктивноста, а не преку инфлација и поскап живот.
„Тоа е формулата, кој капитален објект или капитална инвестиција ја имаме, нешто што ја зголемува продуктивноста и нешто што има додадена вредност којашто вистински го зголемува бруто домашниот производ“, изјави Филипче, додавајќи дека ваквиот раст кај нас изостанува.
Според него, структурата на БДП јасно покажува дека сегашниот „раст“ не е резултат на подобра економија, туку на зголемени трошоци за граѓаните.
„Нашиот бруто домашен производ се должи на персонална потрошувачка. И вие кога немате раст на плата како што немате, а растат цените како што растат, тогаш повеќе трошите. Тоа е суштината на растот каква Данска, трета земја, каква Франција. Тоа е манипулација на премиерот и на министерката за финансии“, рече Филипче.
Филипче порача дека граѓаните најдобро ја знаат вистината, без разлика на тоа што покажува статистиката.
„Па граѓаните знаат колку пари имаат во фрижидер. И прашајте ги нив дали расте 3,8 или 4% БДП. Немаат пари луѓето. А оваа власт не се грижи за да се зголеми приходот“, рече тој.