ФИФА му забрани на „Тиквеш“ да регистрира нови фудбалери, не исполнил финансиски обврски


Македонскиот прволигаш ГФК Тиквеш Кавадарци доби забрана од Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за регистрација на нови фудбалери на меѓународно и национално ниво поради неисполнување на финансиските обврски кон фудбалерот Филип Михаљевиќ.

Според официјалното известување од ФИФА, забраната ќе остане во сила сè до целосно намирување на обврските, а најдолго до три последователни регистрациски периоди.

Воедно, ФИФА побара од Фудбалската федерација на Македонија веднаш да ја имплементира одлуката и на национално ниво.

Фудбалската федерација на Македонија, како што е соопштено денеска, ќе постапи согласно правилата и одлуките на ФИФА.