Федералните резерви на САД ги зголемија каматните стапки за прв пат од 2018 година

ФЕД ги зголемува стапките за четвртина процентен поен од речиси нула додека централната банка се бори со инфлацијата, војната во Украина и Ковид пандемијата


Федералните резерви, ги зголемија каматните стапки за прв пат од 2018 година, додека централната банка се бори со зголемената инфлација во САД, влијанието на војната во Украина и кризата со коронавирус.

ФЕД ги зголеми стапките за четвртина процентен поен од речиси нула, што се очекува да биде прво во серијата покачувања во наредните месеци.

Во соопштението, ФЕД посочи дека економските показатели и бројките за вработеноста „продолжија да зајакнуваат“, но истакна дека инфлацијата останува висока, а инвазијата на Украина не само што „предизвикува огромни човечки и економски тешкотии“, туку „веројатно ќе создаде дополнителен нагорен притисок на инфлацијата и тешкотии на економската активност во САД“.

ФЕД има двоен мандат – да ја максимизира вработеноста и да ги држи цените под контрола. Пазарот на труд и пошироката економија направија импресивно закрепнување по големиот пад поради пандемијата, делумно благодарение на намалувањата на стапките на ФЕД и масовната програма за стимулирање, но цените се зголемија за 7,9 отсто годинава до февруари – што е највисока стапка на инфлација за 40 години.
ФЕД првично го оцени зголемувањето на цените како „минливо“, но потоа призна дека високата инфлација веројатно ќе се задржи некое време. Проблемите со снабдувањето кои се чинеше дека се нормализираа на почетокот на оваа година, исто така, сега го чувствуваат влијанието на војната во Украина и се соочуваат со дополнителни проблеми бидејќи Кина воведува нови заклучувања за да ги спречи новите избувнувања на коронавирусот.

На прес-конференција, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, рече дека банката е „акутно свесна“ дека мора да се справи со инфлацијата. „Доволно сум стар за да се сетам како беше со многу висока инфлација“, рече тој. „Ние сме силно посветени да не дозволиме оваа повисока инфлација да се зацврсти“.

Банката на федерални резерви предвидува уште шест зголемувања на стапката оваа година. Еден член на комитетот на ФЕД, претседателот на ФЕД во Сент Луис, Џејмс Булард, се заложи за поголем пораст од половина процент овој месец. „Ако заклучиме дека ќе биде соодветно да ги зголемиме каматните стапки побрзо, тогаш ќе го сториме тоа“, рече Пауел.

Пребрзото зголемување на стапките се заканува да ги турне САД во рецесија. Оваа недела, анкетата на CNBC – која ги мери мислењата на менаџерите на фондовите, стратезите и економистите – ја стави веројатноста за рецесија во САД на 33 отсто во следните 12 месеци, што е за 10 процентни поени повеќе од истражувањето од 1 февруари. Најновото истражување покажа дека шансите за рецесија во Европа се 50 отсто.

Со оглед на тоа што инфлацијата е приближно четири пати поголема од целната стапка на ФЕД од 2 отсто, Пауел јасно стави до знаење дека централната банка ќе ги зголеми стапките во обид да го спречи растот на цените. Но, некои економисти се прашуваат колкаво влијание може да има ФЕД за толку сложено прашање.

Џ.В. Мејсон, вонреден професор по економија на колеџот Џон Џеј, вели дека порастот на стапката од четвртина поен веројатно нема да има големо влијание врз инфлацијата или пошироката економија. „Чудна карактеристика на начинот на кој размислуваме и зборуваме за економијата денес е тоа што ѝ дадовме толкаво големо значење на оваа единствена алатка за политика што ја користи овој дел од владата“, рече тој.

Мејсон вели дека очекувал инфлацијата да се намали без интервенција на ФЕД во текот на следната година – иако „помалку отколку што се надевавме дека ќе се случи“. Тој посочи дека цените на автомобилите – до неодамна најголемиот извор на инфлација – веќе паѓаат. Додека серија мали зголемувања на каматните стапки веројатно нема да имаат големо влијание во целина „доволно голем пораст на каматните стапки ќе има значителен негативен ефект врз реалната економска активност“.

Мејсон рече дека другите гранки на владата се подобро способни да се справат со прашањата за цените во пошироката економија, како што се зголемените кирии и цените на домовите или сметките за гас и комунални услуги, и дека алатките како што се ограничувањата на цените или мерките за стимулирање може да се користат за да се ублажат тешкотиите.

Пауел рече дека очекува американската инфлација да се намали подоцна оваа година, при што ФЕД предвидува дека ќе ја заврши годината на 4,1 отсто. Но, тој повтори дека војната во Украина најверојатно ќе доведе до прекин на синџирите на снабдување и повисоки цени. „Без разлика што ќе се случи, ова е комитет кој е решен да ги користи своите алатки за да се осигура дека повисоката инфлација нема да се вкорени. И затоа ние сме решени на тој фронт и ќе се справиме со она што доаѓа“, рече Пауел. (Гардијан)