„Фармахем“ ја доби наградата за заштита на животната средина


„Фармахем“ e добитник на признанието за најдоброто од истокот во областа на заштитата на животната средина за 2018 година, како координатор на Програмата за зачувување на природата во Македонија, а која во изминатите години значително влијае на подобрување на зачувувањето на природните вредности во Брегалничкиот слив.

Новинарите од источниот регион – како дел од ЗНМ, петта година по ред ги доделуваат признанијата за најдоброто од истокот, следејќи ги настанатите и остварувањата на стопански организации, институции и поединци во изминатата година.

Во името на „Фармахем“, наградата ја прими Марјана Шушлевска, раководител на секторот еколошки консалтинг и тим лидер на Програмата. Таа се заблагодари на признанието во името на сите кои се дел од реализацијата на програмските активности и ја нагласи улогата на новинарите во подигнувањето на свеста за зачувување на природата. Ова е особено значајно во овој период кога се во тек иницијативи за прогласување на Осогово и Малешево за заштитени подрачја, за да се доближи до пошироката јавност значењето на оваа иницијатива и придобивките од заштитените подрачја за севкупниот одржлив развој на регионот.

Програмата за зачувување на природата во Македонија е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Акцентот на активностите е ставен на воспоставување на заштитени подрачја и природни реткости во брегалничкиот регион.