„Фајзер/Бионтек“ бараат да се одобри нивната вакцина за деца од 5 до 11 години
„Фајзер/Бионтек“ побараа од американските регулатори да одобрат итна употреба на нивната вакцина против ковид за деца на возраст од 5 до 11 години, група за која моментално не е дозволено вакцинирање, соопшти компанијата „Фајзер“.
Администрацијата за храна и лекови на САД одреди датум 26 октомври за нејзиниот тим од надворешни советници да се состанат и да разговараат за апликацијата, што ќе им овозможи на децата од оваа возрасна група – бројка од околу 28 милиони деца – да започнат со примање на две дози од вакцината на „Фајзер“.
„Со оглед на тоа што новите случаи кај децата во САД продолжуваат да бидат на високо ниво, ова поднесување е важен чекор во нашите тековни напори против ковид 19“, соопшти „Фајзер“ на Твитер.
Вакцината веќе доби дозвола за итна употреба во САД кај тинејџери на возраст од 12 до 15 години и е целосно одобрена од регулаторите за луѓе на возраст од 16 години и повеќе.
Брзото одобрување на вакцината „Фајзер“ кај малите деца може да помогне во ублажување на потенцијалниот наплив на случаи во наредните недели и месеци, со тоа што училиштата ќе се отворат на национално ниво, и во постудено време ќе се овозможат активности во затворени простории, пренесува Ројтерс.
Ако добие регулаторно овластување, вакцината со две дози на Фајзер ќе стане првата против ковид, достапна за деца од 5 до 11 години во Соединетите држави.
Се покажа дека вакцината „Фајзер“ предизвикува силен имунолошки одговор кај деца од 5 до 11 години во клиничко испитување со 2.268 учесници, рекоа компаниите на 20 септември.