Евросонг 2026: Без цензура за публиката за време на настапот на Израел


Виена – Австрискиот ORF, организаторот на следниот Евровизиски натпревар, изјави дека нема да го забрани палестинското знаме во публиката ниту да ги прикрие навивањата за време на настапот на Израел, како што се случи на претходните натпревари.

70-тиот натпревар, што ќе се одржи во мај, ќе има само 35 учесници, најмал број од 2003 година, откако пет национални радиодифузери, вклучувајќи ги и оние од Шпанија, Ирска и Холандија, објавија дека ќе го бојкотираат шоуто во знак на протест против учеството на Израел, објави Ројтерс.

„Ќе дозволиме сите официјални знамиња што постојат во светот, сè додека се во согласност со законот и форматот – големина, безбедносни ризици итн“, изјави извршниот продуцент Мајкл Крон на прес-конференција организирана од ORF.

Тој нагласи дека нема да разубавуваат ништо ниту да избегнуваат да ја презентираат вистинската ситуација, бидејќи нивна работа е да ги прикажат работите какви што се.

Директорката на програмата на ORF, Стефани Гројс-Хоровиц, изјави дека австрискиот радиодифузер нема да ги прикрие исвиркувањата од публиката, како што се случи оваа година за време на настапот на Израел.

„Во ниту еден момент нема да дозволиме лажен аплауз за тоа“, рече таа.

Израелскиот учесник во 2025 година, Јувал Рафаел, беше на музичкиот фестивал Нова, кој беше цел на напади предводени од Хамас.

Директорот на израелската радиодифузна мрежа КАН ги спореди напорите за исклучување на Израел од 2026 година со форма на „културен бојкот“.

ОРФ и австриската влада се меѓу најголемите поддржувачи на учеството на Израел и покрај противењето од земји како Исланд и Словенија, кои исто така ќе го бојкотираат следниот натпревар во знак на протест.

Генералниот директор на ОРФ, Роланд Вајсман, го посети Израел во ноември за да ја покаже својата поддршка.

Овогодинешното шоу го гледаа околу 166 милиони луѓе, според Европската радиодифузна унија.