Европските социјалисти го поддржаа Заев и побараа политичка мудрост од Скопје и Софија


Разочарување – тоа е зборот со кој Партијата на европските социјалисти и демократи (ПЕС) ја опишаа блокадата на Бугарија на европскиот пат на Македонија, го поддржаа премиерот Зоран Заев во неговото лидерство и побараа политичка мудрост од Скопје и Софија, велејќи дека конструктивниот дијалог треба да победи.

„Политичката мудрост на двете земји е ставена на тест – само јазикот на соработка и целосно разбирање на долгорочните перспективи во регионот можат успешно да ја надминат оваа пречка. Европските социјалисти и демократи секогаш биле поддржувачи на процесот на проширување за Западен Балкан. ПЕС го поздрави одобрувањето на Европскиот совет за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во март оваа година и нацрт-рамката за преговори претставена на земјите-членки во јули. Денес, ПЕС сака да изрази надеж дека правичен и длабински дијалог помеѓу Бугарија – која е земја-членка на ЕУ веќе 13 години – и Северна Македонија – која силно ја изрази својата желба да се зачлени во Унијата – ќе најде решение во корист на обете земји.

Премиерот на Северна Македонија Зоран Зеав продолжува да демонстрира храброст и лидерство додека бара начин да се излезе од ќор-сокакот, давајќи го првиот сигнал дека е можен ваков длабок дијалог. Брзиот почеток на пристапните преговори позитивно ќе влијае на долгорочните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и целиот регион на Западен Балкан. Време е сите да постапат одговорно и со мудрост, водено од визијата за заедничка европска иднина“, се вели во соопштението на претседателството на Партијата на европските социјалисти.

ПЕС, која е втора најбројна политичка група во Европскиот парламент, е загрижена за растечкиот бран на национализам и десничарска реторика и во Бугарија и во Северна Македонија.

„Во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ го наруши дијалогот со Бугарија, Грција и целиот регион, со што пристапувањето во ЕУ стана невозможен сон. Под нивен мандат, Северна Македонија доживеа деценија на замрзната интеграција и проблематични односи со соседните земји. Денес, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да игра опасни политички игри со говор на омраза, поттикнувајќи конфронтација. Ова не е иднината што ја сакаат луѓето во Северна Македонија. Социјалдемократската влада на Зоран Заев е таа што ја водеше Северна Македонија до почетната точка на преговорите со ЕУ и тој останува најдобрата личност да го продолжи тој процес, доколку ѝ се даде шанса на земјата“, велат европските социјалисти.