Европскиот суд ѝ нареди на Полска веднаш да ја запре работата на дициплинската комора за судиите

Полската влада мора веднаш да го прекине функционирањето на судската дисциплинска комора, за која критичарите предупредуваа дека се нарушува независноста на судиите, пресуди највисокиот суд на ЕУ во средата.
Комората беше основана од полската влада во 2017 година, како дел од нејзините реформи во судството. Европската комисија се жалеше на независноста на телото, бидејќи во него доминираат судиите избрани од владејачката партија Право и правда.
Комисијата минатата година поднесе тужба до Судот на правдата на ЕУ (ЕСП), велејќи дека комората „ја поткопува судската независност на полските судии и не ги обезбедува потребните гаранции за заштита на судиите од политичката контрола“.
Во јануари, Комисијата побара од ЕСП да го стопира функционирањето на комората сè додека не донесе конечна пресуда за случајот.
Судот со седиште во Луксембург го одобри барањето, велејќи дека гарантирањето независност на комората е „суштинско“ за да се зачува независноста на полските судови и предупредувајќи дека континуираното функционирање на комората додека случајот е во сослушување „веројатно ќе предизвика сериозна и непоправлива штета на правниот поредок на ЕУ“.
„Драго ми е што ЕСП одлучи за привремени мерки на овој начин, така што сега се надеваме дека дисциплинската постапка ќе запре“, изјави Вера Јоурова, потпретседателка на Европската комисија одговорна за владеење на правото.
Врховниот суд на Полска, исто така, донесе одлука дека дисциплинската комора е нелегитимна.
Првата реакција од Варшава е дека ЕСП ги надминува неговите граници.
„ЕСП нема надлежност да ги оценува, а да не спомнувам, да ги суспендира уставните тела на земјите членки“, твитна Себастијан Калета, заменик- министер за правда. „Денешната одлука… го поткопува суверенитетот на Полска“.
Но, Јоурова рече дека и Комисијата и ЕСП имаат „многу силна правна надлежност“ да постапат во овој случај.
Полска треба веднаш да ја почитува пресудата, во спротивно се соочува со строги казни. (Според агенциите)