Европскиот совет одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина
Европскиот совет вечерва одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина, соопшти претседателот на Советот, Шарл Мишел.
Мишел на Х и честиташе на БиХ и порача дека местото и е во европското семејство.
– Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ. Сега треба да продолжи напорната работа за Босна и Херцеговина стабилно да напредува, како што сака вашиот народ, напиша Мишел.
Одлуката е донесена врз основа на писмениот извештај на Европската комисија во кој се препорачува отпочнување на пристапните преговори со БиХ.
The European Council has just decided to open accession negotiations with Bosnia and Herzegovina. Congratulations!
Your place is in our European family.
Today’s decision is a key step forward on your EU path. Now the hard work needs to continue so Bosnia and Herzegovina… pic.twitter.com/LyotNa5gGc
— Charles Michel (@CharlesMichel) March 21, 2024
Пред почетокот на Самитот, повеќето европски лидери изразија поддршка на препорака на Еврокомисијата за старт на преговорите.
Од друга страна, холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Холандија ќе го поддржи предлогот за почеток на преговорите, но дека пред да се усогласи преговарачката рамка земјата мора да ги спроведе сите неопходни услови наведени во Извештајот на ЕК.
– Босна и Херцеговина постигна напредок за да го поддржиме отворањето на преговорите, но Европската комисија беше многу јасна дека БиХ мора да направи уште многу за да ги почне самите преговори согласно договорена преговарачка рамка, додаде Руте.
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји минатата недела во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР), чиј дел е и МИА, изјави дека Европската комисија предложила Советот на ЕУ да донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори со Босна Херцеговина и изрази надеж дека лидерите на Унијата ќе донесат позитивно решение на денешниот Самит. – Сметаме дека условите се исполнети. Предлогот се заснова на барањето на Европскиот совет од декември минатата година дека Комисијата треба да оцени дали е постигнато потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Сметаме дека тоа е постигнато. Тие (БиХ) многу сериозно ја сфатија задачата да испорачаат во владеењето на правото, област која е најважна за нашите земји членки. Развојот на настаните е многу охрабрувачки и се надевам дека ќе продолжат да работат. Тие продолжуваат да туркаат и се надевам дека Европскиот совет ќе одлучи да ги започне пристапните преговори како што го предложивме, изјави Вархеји.