Европската комисија го назначи Фито за нов специјален пратеник на ЕК за Кипар


Атина – Извршниот потпретседател на Европската комисија Рафаеле Фито е новиот специјален претставник на Комисијата за Кипар, со цел, како што соопштија од ЕК, да придонесе во процесот на решавање на кипарското прашање во рамките на Обединетите нации, во тесна соработка со личниот претставник на генералниот секретар на ОН за Кипар, Марија Анхела Олгин Куељар, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Европската Комисија додадоа дека именувањето на Фито ја одразува силната посветеност на ЕК за повторното обединување на Кипар, со цел постигнување функционално и одржливо сеопфатно решение, во согласност со соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН и во рамките на принципите, вредностите и законодавството на Европската унија.

– Извршниот потпретседател Фито ќе го искористи своето долгогодишно искуство во европското управување, регионалната соработка и институционалниот дијалог. Тоа ќе ги поддржи напорите на Комисијата за олеснување на напредокот кон сеопфатно решение за кипарското прашање, соопштија од ЕК и додадоа дека Фито ќе соработува со сите инволвирани страни и соговорници со цел создавање услови за продолжување на преговорите и поддршка на сеопфатно и трајно решение, вклучително и преку градење доверба меѓу сите засегнати страни и учесници во процесот.

Фито, на Икс напиша дека за него е чест што е назначен за специјален претставник за Кипар и ѝ се заблагодари на претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за укажаната доверба и поддршка.

Благодарност до фон дер Лајен упати и кипарскиот претседател Никос Христодулидис, исто така преку Икс, посочувајќи дека назначувањето на Фито е „силен сигнал за посветеноста на ЕУ за повторно обединување на Кипар“.

Во писмената изјава Христодулидис нагласи дека изборот на функционер кој се наоѓа на врвот на институционалната пирамида на Комисијата го покажува засилениот интерес на ЕУ и нејзината подготвеност за поактивно и посуштинско учество во напорите за повторно започнување на преговорите, во рамките на Обединетите нации и ѝ дава особена политичка тежина на заедничката иницијатива.

Во мај 2025 година поранешниот еврокомесар Јоханес Хан беше назначен на позицијата специјален пратеник на ЕК за Кипар, но по десет месеци, односно на крајот на март годинава си поднесе оставка „поради други обврски“.

Европски функционер за кипарската новинска агенција ЦНА објаснил дека назначувањето на Фито било личен избор на претседателката на Европската комисија, при што нагласил дека функцијата претставник е различна улога од функцијата пратеник.

Во случајот со специјален пратеник, како што беше со Хан, било потребно да се донесе одлука од страна на Колегиумот на комесари.