Европејците ќе работат сè пократко

Очекуваното просечно траење на работниот век за 15-годишниците во Европската унија (ЕУ) во 2020 година изнесуваше 35,7 години, 0,2 години помалку од просекот во 2019 година, покажа истражувањето на Канцеларијата за статистика на ЕУ (Евростат). Ова е првпат од 2000 година оваа институција да забележи пад на очекуваното траење на просечниот работен век.
„На бројот на години на кои луѓето можат да очекуваат да бидат работоспособни (вработени или невработени) за време на нивниот живот, беше под влијание и на корона кризата. Меѓу другото, луѓето кои би биле достапни за работа и барале вработување можеби се откажале од потрагата поради ниските очекувани приноси и, според тоа, биле надвор од работната сила, намалувајќи го очекуваниот работен век“, се вели во извештајот на Евростат.
Како што се додава, кога станува збор за разликата во половите, таа полека, но стабилно се намалуваше на ниво на ЕУ помеѓу 2000 и 2020 година од 7,1 година во 2000 година на 4,8 години во 2020 година. Очекуваниот работен век на жените се зголеми за 4,5 години, а кај мажите се зголеми за само 2,2 години во истиот период.

Истражувањето покажува дека меѓу државите членки на ЕУ најдолго очекувано траење на работниот век во 2020 година имало во Шведска (42 години), во Холандија (41 година) и Данска (40 години). Статистичките податоци покажуваат дека ова биле единствените три земји-членки на ЕУ во кои очекуваниот работен век бил 40 или повеќе години. Следат Естонија (39,2 години), Германија (39,1 години) и Финска (38,8 години).

Од друга страна, Евростат го забележа најкраткиот работен век во Италија (31,2 години), следена од Грција и Хрватска (двете со по 32,8 години), Белгија (33,4 години) и Бугарија (33,5 години).