Европа: Залихите на гас на најниско ниво од 2013 година


Залихите на природен гас во подземните складишта во Европа моментално се на најниско ниво за овој период од годината од 2013 година, објави денес ТАСС, според пресметките засновани на податоци од Гас Инфраструктура Европа (GIE).

Европските складишта на гас моментално се исполнети со 63,28 проценти, што е за 17,24 проценти помалку од петгодишниот просек за тој датум и во споредба со 76 проценти исполнетост една година претходно.

Агенцијата вели дека околу 69,2 милијарди кубни метри гас се складирани во складиштата на Европската Унија, 14,3 милијарди кубни метри помалку од минатата година и најниско од 2013 година.

Нето инјекциите на гас во складиштата на ЕУ, односно разликата помеѓу количината на складиран и повлечен гас, овој месец исто така паднаа на најниско ниво за шест години.

Од почетокот на април, европските земји инјектираа околу 39 милијарди кубни метри гас во складиштата, што претставува само 57 проценти од количината потребна за претстојната зимска сезона.

Европската комисија бара од земјите-членки на ЕУ да ги имаат своите складишта за гас 90 проценти полни помеѓу 1 октомври и 1 декември секоја година, со можно отстапување од 10 проценти во случај на тешки услови на полнење, според ТАСС.

Според пресметките на руската агенција, најмалку 68 милијарди кубни метри гас би требало да се вбризгаат во европските складишта до почетокот на зимската сезона 2026/27 година за да се исполни пропишаниот стандард, пренесува Танјуг.