Европа ќе се обедини и со брза железница

Европската Унија предвидува во следните 20 години изградба на континентална мрежа од брзи железници што треба да ги поврзе сите поголеми градови и поголеми урбани центри, објави Евроњуз.Проектот наречен „Европска мрежа за брзи железници“, кој го промовира здружението ЦЕР (Заедница на европски железнички и инфраструктурни компании), наскоро треба да добие официјално одобрение од Европската комисија. Станува збор за најголемиот инфраструктурен проект во историјата на ЕУ, вреден 546 милијарди евра, чија цел е да создаде побрз, позелен и поотпорен европски транспортен систем.
Планот предвидува повеќе од 49.400 километри нови и модернизирани пруги, по кои возовите би се движеле со брзина помеѓу 250 и 350 километри на час. Новата мрежа ќе ги опфати сите поголеми градови, но и поголеми агломерации со повеќе од 250.000 жители, како што се Солун, Љубљана, Краков или Марсеј.
– Целта е сите европски главни градови да бидат меѓусебно поврзани со брзи возови. Не само Париз и Берлин, туку и Атина, Братислава или Загреб. Сакаме и помалите градови по тие линии да имаат корист од овој проект, бидејќи брзите железници ги менуваат економијата, туризмот и начинот на живот – изјави Алберто Мацола, извршен директор на ЦЕР, за време на презентацијата на проектот во Атина.
Според него, целта на проектот е железницата да се претвори во главна форма на транспорт во Европа. Според процените на ЦЕР, 50 отсто од патувањата на долги релации во иднина ќе се одвиваат со брзи возови, а 20 отсто од нив сè уште ќе користат конвенционални линии.
– Денес, просечниот турист патува околу 300 километри за шест часа. Ако возот патува со 250 километри на час, истиот патник може да патува дури 1.500 километри за исто време. Тоа е еден вид револуција што ја постигнаа земји како Кина, Франција или Шпанија – истакна Мацола.
Според проекциите, патувањето од Атина до Истанбул би траело четири часа, додека од Мадрид до Милано би траело помалку од шест часа. Ова би ги направило брзите возови сериозен конкурент на воздушниот транспорт на пократки растојанија, со многу помал јаглероден отпечаток.
Проценетата цена на проектот е 546 милијарди евра, а планираното времетраење на изградбата е 20 години. ЦЕР предлага финансирањето да се обезбеди со комбинација од европски и национални фондови, со можност за користење дел од средствата наменети за европска одбрана и инфраструктура.
– Железницата е докажана стратешка инфраструктура. Војната во Украина покажа колку е важна за мобилноста на луѓето и за резервите. Кога започна војната, повеќе од шест милиони Украинци беа евакуирани со железница, што потврди дека возовите се клучни – нагласи Мацола.
Тој уште додаде дека Европа се соочува со сериозни инфраструктурни недостатоци, без оглед што инвестира во железници со децении.
– Денес имаме помалку железници отколку по Втората светска војна, во просек од 15 до 20 отсто помалку по земја, а во исто време изградивме 80 отсто повеќе водни патишта. Недостигот од железници ги ограничува можностите за транспорт и инвестиции – нагласи Мацола.
Од вкупно 200.000 километри железници во Европа, околу 5-10 отсто од мрежата веќе е целосно заситена.
– Ако сакате да воведете нов воз на некоја маршрута, мора да го отстраните постојниот. Тоа покажува колку е ограничен капацитетот – додаде Мацола.
Македонија географски е дел од Европа, па прашање на време е кога и политички ќе стане дел од Унијата бидејќи сите патишта кон и од југот на континентот водат по должината на коридорот 10.Токму затоа официјален Брисел веќе го подготвува најкрупниот инфраструктурен проект во својата историја, изградба на брзи железници со кои би се споиле сите градови распослани низ европскиот континент, вклучително и Скопје.