Европа има резерви на авионско гориво за околу шест недели, можни се масовни откажувања на летови


На Европа ѝ останаа „можеби уште шест недели резерви на гориво за авиони“, изјави денеска директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, и предупреди на можни откажувања на летови доколку резервите на нафта и понатаму се блокирани поради војната во Иран.

Бирол во интервју за агенцијата Асошиејтед прес (АП) рече дека светот во моментов се наоѓа во „најголемата енергетска криза досега“ поради блокадата на Ормуската Теснина, пренесе Бета.

Тој изјави дека актуелната ситуација ќе има „големи последици врз глобалната економија“.

– Што подолго трае, толку попогубно ќе биде по економскиот раст и инфлацијата ширум светот – наведе Бирол.

Енергетската криза првенствено ќе влијае на „повисоки цени на горивото, гасот и струјата, а некои делови од светот ќе бидат погодени повеќе од другите“, рече тој.

Бирол оцени дека први на удар се земјите од Азија, кои во голема мера се потпираат на енергенси од Блискиот Исток, вклучувајќи ги Јапонија, Јужна Кореја, Индија, Кина, Пакистан и Бангладеш.

Доколку Ормуската Теснина не се отвори, тој рече дека наскоро, во Европа, би можеле да се слушнат вести дека некои летови се откажуваат поради недостиг на гориво.