Ужасен скандал со злоставување деца во Франција
Франција се соочува со скандал со злоставување деца, откако „негуватели“ (монитори) во десетици државни градинки и основни училишта се под истрага за насилство, сексуален напад и силување.
Париската полиција истражува повеќе од 100 пријави за лошо постапување, физичко насилство и силување на деца на тригодишна возраст од страна на училишните негуватели за време на паузите за ручек, времето за спиење и воннаставните активности, потврдија обвинителите.
„Во тек се истраги во 84 предучилишни установи, околу 20 основни училишта и околу 10 дневни центри“, изјави главната обвинителка на Париз, Лор Бекуо. Адвокатите изјавија дека истрагите вклучуваат и наводно силување на деца на возраст од само три и четири години.
Здруженијата на родители изјавија дека со години се бореле за пријавите да бидат сфатени сериозно. Тие посочуваат дека пропустите во процесот на регрутирање и проверките на училишните негуватели овозможиле злоставувањето да продолжи.
„Ова е масовен скандал“, изјави Флоријан Ластел, адвокат на три париски семејства кои поднесоа полициски пријави за наводно злоставување на нивните деца. „Државниот училишен систем е гордост на оваа земја, но за жал, во денешна Франција не е можно да се каже дека јавната служба ја гарантира безбедноста на децата.“
Кои се училишните „монитори“ (негуватели)?
Училишните негуватели се возрасни лица кои се задолжени за децата за време на ручекот, одморите, спиењето и воннаставните активности, при што понекогаш поминуваат повеќе време со децата отколку самите наставници. Тие не се вработени директно од училиштата или од Министерството за образование, туку се регрутирани од градските сообранија или локалните власти – честопати без обука или професионални дипломи, и сè почесто на привремена основа, при што многумина се платени на час.
Предучилишното образование (градинката) е задолжително во Франција од тригодишна возраст, а училишните негуватели се клучна секојдневна присутна фигура за децата на возраст од 3 до 11 години.
Ужасни сведоштва за насилство
Обвинувањата против училишните негуватели пријавени од родители ширум Франција вклучуваат викање и врескање по децата, туркање и влечење за коса, ускратување храна, присилување да јадат додека не повратат и сексуално злоставување и силување.
Адвокатот Луи Каје, кој застапува две париски семејства, во февруари поднесе полициски пријави за наводни силувања на нивните деца во градинка во 2025 година. Во едниот случај, тригодишно девојче наводно било силувано од училишен негувател во училиште во западниот дел на Париз. Во друг случај, тригодишно момче наводно било силувано од истиот негувател, кој бил преместен во друго училиште по поплаките дека бил физички насилен кон децата.
Каје изјави: „Едно утро, тригодишното момче толку многу се вознемири пред училишната порта, одбивајќи да влезе, што падна во еден вид транс, а мајка му беше во солзи. Директорката мораше да излезе за да го внесе детето со сила во училиштето, а во тоа време ниту мајката на момчето, ниту директорката не знаеја зошто.“Тој додаде дека децата страдаат физички и психички од последиците на наводното злоставување.
„Тоа е секојдневна тортура за родителите кои сакаат истрагата да напредува за да се утврдат размерите на прекршоците.“
Каје истакна дека секторот за училишни негуватели во Франција е „национална катастрофа“.
Следната недела во Париз започнува судењето на училишен негувател обвинет за сексуално злоставување на пет деца на возраст меѓу три и пет години, во градинка во 11-тиот арондисман. Пресуда се очекува следниот месец и во друг случај, на 47-годишен училишен негувател обвинет за сексуално злоставување на девет 10-годишни девојчиња во Париз.