Европа го вклучи алармот за снабдувањето со нафта. Што прави Македонија?
Европската комисија во писмо до земјите-членки порача: „Мора да дејствуваме сега“. Премиерот Мицкоски ја уверува јавноста дека кај нас нема проблеми
Европската комисија денеска ги повика земјите-членки да се подготват навремено и координирано за да обезбедат безбедно снабдување со нафта и да избегнат мерки што би можеле да ја зголемат потрошувачката на гориво.
Ова вклучување на алармот доаѓа откако војната на Блискиот Исток трае веќе еден месец, без притоа да се гледа крајот на конфликтот и откако многу познати економисти во светот предупредија дека дури и веднаш да заврши војната, нејзините последици ќе траат со месеци.
За разлика од земјите во Европа и особено во Азија, кои се најизложени на нафтената криза, кај нас во Македонија пораките од надлежните се со поинаков, смирувачки тон, дека немаме проблем со горивото и снабдувањето, па дека дури им помагаме на граѓаните од соседните држави да полнат бензин и дизел од домашните бензински пумпи во неограничени количини.
Некои домашни економисти навестија дека таквата политика не е целисходна, имајќи предвид дека Македонија е целосно зависна од увозот на нафтените деривати и дека на тој начин се трошат скапо спечалени девизи, а уште повеќе што нафтените резерви во државата не се на законски пропишаното ниво од 90 дена, туку се за една третина пониски и покриваат 60-дневна потрошувачка.
Тогаш, дали е паметно да се фалиме дека десет отсто од дневната потрошувачка оди за полнење на резервоарите на возилата со странски таблички?
За разлика од кај нас, ЕУ го запали алармот. Европската комисија во писмо до земјите-членки порача: „Мора да дејствуваме сега“.
„Безбедноста на снабдувањето на Европската унија останува загарантирана. Но, мора да бидеме подготвени за потенцијално долгорочни нарушувања во меѓународната трговија со енергија. Затоа мора да дејствуваме сега. И мора да дејствуваме заедно“, изјави комесарот за енергија, Ден Јергенсен, во писмо до министрите за енергија на земјите-членки.
Министрите за енергија ќе ја разгледаат ситуацијата на пазарот попладнево преку видео-конференција.
Комисијата вели дека со оглед на нестабилноста на пазарот предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток и затворањето на Ормутскиот теснец, Европската унија е добро подготвена благодарение на посветеноста на земјите-членки да одржуваат резерви на нафта и да имаат планови за непредвидени ситуации за да одговорат на инциденти поврзани со безбедноста на снабдувањето.
Што се бара од членките?
Во писмо до сите министри за енергија на ЕУ, комесарот ги повика земјите-членки целосно да ги искористат состаноците на Групата за координација на нафтата и Работната група за безбедност на енергетската унија за да обезбедат добра координација и да размислат за промовирање мерки за намалување на побарувачката, особено во транспортниот сектор.
Блискиот мониторинг, механизмите за брза размена на информации и координацијата остануваат клучни. Сите итни ризици или значајни промени во снабдувањето со нафта и условите во индустријата, вклучително и комерцијалните залихи, треба да се следат и да се пријавуваат до Комисијата за да се обезбеди континуирана проценка и координирано дејствување.
Земјите-членки, исто така, треба да се воздржат од преземање мерки што би можеле да ја зголемат потрошувачката на гориво, да го ограничат слободниот проток на нафтени производи или да го обесхрабрат производството на рафинерии во ЕУ. Тие, исто така, треба да се консултираат со соседните земји-членки и Комисијата за да ја зачуваат кохерентноста на ниво на цела ЕУ и функционирањето на внатрешниот пазар.
За да се заштити достапноста на нафтени производи на пазарот на ЕУ, секое планирано неитно одржување на рафинеријата треба да се одложи. Во исто време, зголемувањето на употребата на биогорива би можело да помогне во замена на фосилните горива и да се намали притисокот врз пазарот, соопшти Комисијата.
Снабдувањето со нафтени деривати на пазарот во Македонија, спред уверувањето на Валдата, не е доведено во прашање, и во тоа не треба да има сомнеж.
За разлика од некои земји во блиското соседство, како, на пример, Словенија, каде што имаше рестрикции во снабдувањето, кај нас тоа не беше случај. Недостиг се јави кусо на некои од пумпите кај нас, но тоа се должеше на зголемената побарувачка по објавување на значително поивисоките цени на бензините, а особено на дизелот, и таквата состојба брзо се надмина, без да се создаде непотребна паника.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на собраниската седница за пратенички прашања за состојбите и плановите во енергетскиот сектор, во четвртокот рече дека во пикот на оваа криза „не само што сме стабилни туку и извезуваме стабилност во регионот, нешто што до сега е невидено од нашата држава во услови на криза“.
Мицкоски оцени дека со тоа репутацијата на Македонија е променета до степен дека се бара помош од нас.
„Во услови на епска криза ние, компанија од Македонија, снабдуваме неколку аеродроми со керозин. Замислете сега ние да донесеме одлука на Влада, да нема изнесување. Тие аеродроми ќе се снајдат, но со поинаква цена. Но тоа директно ќе влијае на авионските карти, на транспортните трошоци, директно ќе влијае на инфлацијата во тие држави. Тоа го прави оваа Македонија денес“, посочи Мицкоски. Тој ги оценипредлозите од опозицијата во врска со надминување на енергетската криза како популизам и предлози коишто и самите тие кога имаа можност не ги применуваа во кризни периоди.
Владата реагираше со намалување на ДДВ за дериватите намалувајќи ја стапката од 18 на десет отсто, како и со намалување на други тошоци, но без консултација со компаниите дистрибутери кои се најдоа погодени од таквите мерки. Исто така, компаниите кои купуваат деривати од ОКТА добија попуст од два, а потоа и три денари за литар гориво, што придонесе да се ублажи ценовниот шок и тој да се пренесе со цела сила врз другите индустриски сектори.
Но, изостанаа мерки за земјоделците, транспортерите, не се слушаат ниту пораки дека горивото треба да се штеди, бидејќи достапноста за него ќе биде се потешка на светскиот пазар.
Инаку, Македонија е целосно зависна од увозот на нафта и нафтени деривати,. Од достапните податоци, лани биле увезени околу 1,1 милион тони нафтени деривати за што биле платени околу 1,3 милијарди евра, или околу 15–20 отсто од вкупниот увоз на државата. Сето ова во услови кога цената на нафтата била меѓу 65 и 80 долари за барел. Според Државниот завод за статистика лани вкупната надворешно-трговска размена изнесувала вкупно околу 19,5 милијарди евра или 22 милијарди долари, од што на извозот отпаѓале 8 милијарди евра (или 9 милијарди долари), а на увозот 11,5 милијарди евра или 13 милијарди долари.
Во увозот најмногу беа застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
За минерални горива, мазива и сродни производи биле потрошени 1,26 милијарди евра (истовремено биле извезени за 221 милиони евра (во долари соодветно 1,4 милијарди за увоз и 249 милиони од извоз).
Ако се има предвид дека годинава цената на барелот се искачи на стотина долари, доколку се задржи ова ниво во текот на целата година, за увоз на истото количество нафта и деривати ќе бидат потребни триесетина отсто повеќе девизи. Прашањето е од каде ќе се најдат тие пари, ако извозот остане на исто ниво како до сега. (М.Ј.)