Еврокомисијата предложи пакет санкции кон Израел и Хамас

Европската комисија усвои предлог за делумна суспензија на трговските придобивки за Израел и за робустен пакет-санкции кон терористите од Хамас, екстремистичките министри во израелската Влада и кон насилните еврејски доселеници и субјекти кои ја поддржуваат неказнивоста на Западниот Брег, соопшти денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
– Сакам да бидам многу јасна. Целта не е да се казни Израел. Целта е да се подобри хуманитарната состојба во Газа, рече Калас на денешната прес конференција по седницата на Европската комисија.
Според Калас, копнената офанзива на израелските сили во градот Газа резултира со нова ескалација на конфликтот и дополнително ја продлабочи хуманитарната криза во Појасот.
– Сите земји членки се согласуваат дека состојбата во Газа е неодржлива, дека војната мора да заврши, дека страдањето мора да запре и сите заложници мора да бидат ослободени. Мора да ги искористиме сите средства што ни се на располагање за остварување на овие цели, додаде Калас.
Таа нагласи дека вниманието не смее да биде одвлечено од опасниот развој на настаните на Западниот Брег, што ги намалува шансите за постигнување мировно решение по моделот за постоење на две држави – Израел и Палестина.