Еврокомесарот Шефчовиќ патува во Пекинг за да спречи трговска војна и „кинески шок 2.0“
Брисел – Еврокомесарот за трговија Марош Шефчовиќ в четврток ќе отпатува во Пекинг на клучни состаноци со кинески претставници, со цел да се обиде да спречи трговска војна.
Европската Унија зазеде построг став кон Пекинг за да ги заштити компаниите од нефер пазарната конкуренција во клучните сектори, како што е автомобилската индустрија.
Европските лидери и аналитичари сè почесто предупредуваат на т.н. „кинески шок 2.0“ – израз со кој се опишува преминувањето на кинеските компании кон производство на високотехнолошки производи, што ги загрозува многу од традиционалните индустрии во Унијата.
Првиот шок на почетокот од 2000-тите донесе бран евтин извоз од Кина заснован на технолошки помалку напредни производи, што им нанесе штета на производителите не само во Европа, туку и во целиот свет. Функционерите на ЕУ и Кина од јуни наваму водат преговори за да ја отстранат загриженоста на Брисел поради актуелниот трговски дисбаланс.
Европската Унија истовремено се подготвува да ги зајакне своите инструменти за трговска заштита, но Пекинг се закани со одмазднички мерки за сите потези насочени против Кина.
Шефчовиќ уште во текот на летото предупреди дека од преговарачкиот процес очекува „опипливи резултати до октомври“. Сепак, експертите предупредуваат дека не треба да се очекува премногу од состаноците оваа недела.
– Можеби ќе има по некоја отстапка, но не би очекувала никаков значаен исчекор – изјави Пени Наас, директорка на канцеларијата во Брисел на тинк-тенкот Германски Маршалов фонд на САД (GMF), пренесува Хина. Можно е да дојде до „договор за одредени прашања, наместо до сеопфатно решение на трговските односи – истакна Жу Тијан, професор по економија на Кинеско-европската меѓународна бизнис-школа (CEIBS) во Шангај.
Јасно е дека Брисел е свесен оти преговорите нема да ги решат сите негови проблеми, па Европската комисија паралелно работи на нови инструменти за заштита на европската индустрија, кои во декември треба да им бидат претставени на лидерите, наведува Хина.
Дефицитот во 2025 година достигна околу 360 милијарди евра, што значи дека ЕУ увезувала значително повеќе од таа азиска земја отколку што извезувала во неа.
Денис Редоне, шеф на ЕУ за спроведување на трговските политики, рече дека секторите што се соочуваат со „трајно и ненормално“ зголемување на увозот вклучуваат машини, текстил, основни метали и хемикалии.
Во моментов постојат „потенцијално загрижувачки трендови за речиси една четвртина од вкупниот увоз во ЕУ“, првенствено предизвикани од кинеската стока, изјави Редоне минатата недела пред Европскиот парламент.
Шефчовиќ изјави дека ЕУ сака да постигне три главни цели: да го реши проблемот со наглото зголемување на извозот од Кина на пазарот на Унијата (особено во клучните сектори), да го зголеми извозот од Европа во Кина и да воспостави „систем за издавање извозни дозволи за ретки земни метали и други производи“, откако Кина минатата година воведе ограничувања за нив.
Европа се надева дека кинескиот извоз ќе го регулира преку доброволни ограничувања, на пример за хибридните автомобили што се испорачуваат во Унијата. Но, функционер на ЕУ рече дека Брисел сака да опфати и други производи. Пекинг, пак, порача дека одлучно се противи на увозните квоти.
Кина има ограничен простор за маневрирање поради слабата домашна побарувачка, што значи дека владата се потпира на извозот за да го одржи нивото на економски раст.