Интерпелација за министерката Божиновска: За опозицијата во енергетиката не е направено ништо. „Од нула, направив инстуитуција“, вели таа
Од актуелните состојби во електроенергетскиот сектор, нереализираните проекти и ветувања, до прашања за државјанството, сомнителни фирми и коруптивни зделки на луѓе од сегашната и минатата власт, отворањето на новин рудници… се дел од дискусиите за интерпелацијата за министерката за енергетика Сања Божиновска, поднесена од Левица, што денес е на дневен ред на 128. Седница на Собранието. Ваквата дебата поттикна еден од пратениците да прокоментира дека не му е јасно за што всушност се зборува на седницата. Дел од расправата следеше и Потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња, кој денеска престојува во посета на македонското Собрание. Интерпелацијата за министерката Божиновска поднесена од Левица, ја поддржаа и пратениците на СДСМ кои активно се вклучија во распвата, посочувајќи дека во делот на енеретиката ре остварени многу малку од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ, како проектот „Чебрен и Галише“, укуинувањето на дел од давачките за мрежарина и тн. Божиновска од своја страна рече деак работи спред законот и дека „од нула направила инстуитуција“.
Елаборирајќи на интерпелацијата, пратеникот Амар Мециновиќ, меѓу другото рече дека една од причините е целокупната политика во која државниот енергетски систем се задолжува, приватните монополи профитираат, јавните ресурси се оставаат без заштита, а граѓаните ја плаќаат сметката.
„Под раководство на Божиновска, ЕСМ се турка во нови задолжувања, додека произведената струја се продава под производната цена. Во исто време, фирмите под капата на ЕВН остваруваат десетици милиони евра профит, а граѓаните плаќаат сè повисоки сметки за струја и парно, поскапо гориво и мрежни трошоци“, рече Мециновиќ.
Според Левица, министерката Божиновска во својот досегашен двегодишен мандат докажа дека нема ниту стручен капацитет, ниту политичка волја да застане во одбрана на државниот интерес, а нејзиното работење е директна закана за енергетската безбедност, финансискиот буџет и еколошкото здравје на Македонија. Интерпелацијата се поднесува поради констатирани неправилности во извршувањето на функцијата, деградација на јавниот интерес и грубо непочитување на законите.
„Пратеничката група на Левица ја поднесува оваа Интерпелација зашто Божиновска, како министер за енергетика, рударство и минерални суровини, постапувала нестручно, несовесно, неодговорно и спротивно на јавниот интерес, со што предизвика директна штета врз енергетскиот поредок. Од нејзиното стапување на функцијата манифестира системски пропусти, флагрантно кршење и заобиколување на законските обврски, потпишување штетни и неекономски договори, клиентелистичко фаворизирање на приватни субјекти за ископ и увоз на енергенси, пасивност пред финансиските и еколошките закани од рударските јаловишта, подготвување терен за тивка приватизација на државните енергетски претпријатија, како и целосна капитулација пред енергетските оператори на директна штета на стандардот на македонските граѓани, се наведува во Интерпелацијата.
Мециновиќ обвини дека Божиновска се крие зад своите овластувања и дека за две години од своето работење не постигнала никакви резултати. Според Мециновиќ, две години не е направено ништо за консолидирање на ЕСМ која во вториот квартал од годинава бележи долг од 173,9 милиони евра или 17 милиони евра поголем од првиот квартал, ЕСМ дистрибуција должи 35,6 милиони евра, а компаниите од групацијата ЕВН имаат 109 милиони евра добивка.
„Министерството кое беше формирано со ветување дека ќе стави ред во енергетскиот систем, по две години не понуди решение за ниту еден од неговите клучни проблеми. Политичката одговорност на министерката не може да се сведе на формалните ингеренции на Министерството, туку подразбира предлагање политики, предупредување за системските ризици и координација во рамките на Владата. Очигледно е дека никогаш немало намера да се консолидира ЕСМ зашто ВМРО-ДПМНЕ, како и сите влади претходно, го третираат како бунар без дно за богатење на нивните колеги и соработници, рече Мециновиќ.
Според него, паралелно со растот на долговите на државниот производител, приватните компании во електроенергетскиот систем остваруваат огромни профити.
„Компаниите од групацијата имаат оставено 109 милиони евра добивка во последните две години. Во нашиот електроенергетски систем, сите ризици се преземаат од државните капацитети, додека сите придобивки ги добива директно приватната ЕВН“, истакна Мециновиќ.
Тој го отвори и прашањето зошто ЕСМ не е ставен во позиција да конкурира за универзален снабдувач, со оглед дека електричната енергија ја продава по 62 евра за мегават-час, додека на ЕВН му е оставена доминантната позиција во снабдувањето.

„Како е можно две години да немате никакви буџетски трансфери, никакви инјекции во ЕСМ? Единственото нешто што го правите е ЕСМ понатаму да се задолжува на финансискиот пазар. ЕСМ презема нови долгови без Владата и државата да развијат долгорочен план за финансирање на ЕСМ. На ЕВН му се дозволува целосен монопол над нашиот електроенергетски систем, а регулаторот не направи суштинска промена во однос на ветувањата дадени пред неговото екипирање со кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Ацо Ристов, поранешен градоначалник, е партиски функционер на чело на РКЕ. Вие, како ВМРО-ДПМНЕ, министерка за енергетика, ништо не зборувате за јавните институции, за долговите во кои тие тонат преку снабдување со електрична енергија од приватни фирми, обвини Мециновиќ.
Пратеникот посочи дека продолжува и практиката јавните институции да се снабдуваат од приватни снабдувачи на слободниот пазар, наместо државата да го искористи сопствениот производствен капацитет.
„Граѓаните треба да знаат дека продолжува статус квото, каде што државните институции се снабдуваат на слободен пазар од приватни снабдувачи кои се директно во врска со политичката каста во Република Македонија. Ние имаме приватни фирми, министерке, на бивши премиери, кои ги снабдуваат нашите институции, истакна Мециновиќ.
Се осврна и на ископот на јаглен, како и на проектот „Чебрен и Галиште“. Оцени дека по две години од мандатот на оваа Влада нема реално поместување во однос на проектот.
„Веќе две години не зборувате за „Чебрен и Галиште“, две години нема никакво поместување. За две години, повторно, кога ќе дојдеме на избори, ќе ветувате исто, бесрамно, иако ништо немате направено за окрупнување на стратешките капацитети и базното производство во Република Македонија, порача Мециновиќ.
На крајот заклучи дека интерпелацијата не се однесува само на работата на министерката, туку на целокупната енергетска политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, како и на нејзиниот однос, како што рече, кон државната сопственост, енергетскиот суверенитет и јавниот интерес.
Во одговор на барањето за интерпелација министерката Божиновска, меѓу другото, рече дека не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, a различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот и не може обвинувањето да стане факт само зашто „сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација“.
„Правото да побарате моја одговорност го почитувам. Меѓутоа, ќе побарам и вие да ја прифатите одговорноста за точноста на изнесените тврдења. Живеев, се образував и работев во Западна Европа. Затоа, ќе ми верувате кога ќе ви кажам дека сакам Македонија да биде држава во која министрите редовно даваат отчет пред Собранието, а опозицијата ја контролира власта. Демократијата добива вредност кога граѓаните можат да слушнат конкретно прашање и да добијат конкретен одговор. Сакам да ви порачам дека со внимание ќе ги следам вашите дискусии, дури и оние најпартиските и оние кои имаат цел да ме нападнат за да извлечеме што поодбри заклучоци, истакна Божиновска.
Таа праша, дали расправата се води врз основа на акти и факти или врз основа на обвинувања во кои се мешаат ингеренциите на Владата, Министерството, ЕСМ, РКЕ и општините.
Министерката ги претстави резултатите од досегашното двегодишно работење и одговори на обвинувањата за управувањето со енергетскиот сектор, цената на електричната енергија и користењето на минералните суровини. Ги повика пратениците да ја оценуваат одговорноста врз основа на законските надлежности, документите и конкретните одлуки и да не ја прифатат интерпелацијата.
Во одговорот на обвинувањата, разграничувајќи ги ингеренциите, посочи дека одговара за енергетската политика, планирањето, сигурноста на снабдувањето, обновливите извори, енергетската ефикасност, рударството и минералните суровини, но дека Министерството не ги води оперативните набавки, комерцијалните договори и производството на ЕСМ. За тарифните одлуки ја нагласи независната улога на РКЕ и објасни дека МЕРМС не може да ѝ наложи каква тарифа да донесе.
„Одговорноста не се утврдува со мешање на институциите. Таа се утврдува со закон, документ и конкретна одлука“, повтори Божиновска.
Посебно се осврна на постапката за избор на универзален снабдувач, наведувајќи дека одлуката за нејзино почнување е од 17 октомври 2023 година, комисијата е формирана на 7 ноември 2023 година, а аукцијата и владините заклучоци за изборот се од април 2024 година. Наспроти оваа хронологија, Министерството за енергетика е основано во јуни 2024 година.
Во однос на наводите за продажба на ЕСМ, министерката нагласи дека не постои одлука на Министерството за продажба на компанијата и побара тврдењата за распродажба да бидат поткрепени со конкретен акт и постапка.
Зборувајќи за цената на електричната енергија, Божиновска ја образложи политиката за заштита на домаќинствата од ценовни шокови. Според нејзиното обраќање, цената по која ЕСМ обезбедува енергија за универзалното снабдување е дел од јавната политика за достапност на струјата за граѓаните. Притоа ги разграничи производствениот трошок, продажната цена и регулираната тарифа, нагласувајќи дека тие не смеат да се претставуваат како иста категорија. Повикувајќи се на доставените секторски податоци, наведе дека производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час.

Меѓу клучните резултати, министерката го издвои новиот Закон за енергетика. Според податоците што ги претстави, во собраниската постапка биле прифатени 64 од 74 поднесени амандмани, по јавни консултации и усогласување со Енергетската заедница. Таа посочи дека новата рамка ги уредува складирањето на енергија, енергетските заедници и поактивното учество на потрошувачите, а на компаниите им обезбедува појасни правила за инвестиции.
Таа се осврна и на Националниот план за енергија и клима за 2025–2030 година, , потоа на инфраструктурата, на продолжувањето на работата на интерконекцијата со Албанија и трафостаницата Охрид, развојот на гасната инфраструктура и тн.
„Овие се енергетските автопати на државата, порача Божиновска, истакнувајќи го нивното значење за индустријата, конкуренцијата во снабдувањето и идните транзитни услуги.
Во социјалниот дел од енергетската политика, министерката ги претстави мерките за домаќинствата што тешко ги покриваат трошоците за енергија. Наведе дека во програмата за 2025 година се издадени 3.750 ваучери од по 28.000 денари, во вкупна вредност од 105 милиони денари, а во програмата за 2026 година се реализирани 480 електронски ваучери. Годинашната мерка, според нејзиното обраќање, е насочена кон домаќинства со лица и деца со попреченост.
Во рударството, министерката ги претстави повисоките концесиски надоместоци и зголемената наплата како резултати од вреднувањето на државните ресурси. Според изнесените податоци, надоместокот кај металичните минерални суровини е зголемен од два на четири проценти, кај мермерот од еден на пет проценти, а кај соодветната категорија неметалични суровини од 11 на 30 денари по тон. Вкупната наплата, како што наведе, пораснала од околу 561,5 милиони денари во 2024 година на околу 1,222 милијарди денари во 2025 година.
Една од дискусиите која вреди да се одбележи е на пратеникот Фатмир Битиќи кој ja обвини власта дека не сака да го искористи енергетскиот потенцијал на државата, додека домашните производители се соочуваат со откуп на струја по нула евра, а стратешките проекти „Чебрен“ и „Галиште“ остануваат без затворена финансиска конструкција. Битиќи отвори прашања за пазарните бариери, сомнежите за привилегирање на компании со политички врски и доцнењето на реформите што треба да ја поврзат македонската енергетика со европскиот пазар.
Тој рече дека во нашата земја денес имаме необичен енергетски парадокс. Сонцето ни произведува електрична енергија, инвеститорите вложуваат сопствен капитал, европскиот пазар бара чиста енергија, а нашата држава сè уште не успева да ги поврзе овие три можности во функционална економска политика, а сепак создадовме услови во кои произведената електрична енергија во одредени часови од денот практично да ја губи својата вредност, а институциите доцнат со правилата што треба да овозможат нејзина конкурентна продажба.
„Низ оваа противречност сакам да ја оценам и работата на министерката Сања Божиновска“, рече Битиќи.
Тој посочи дека како држава повеќе немаме право на институционална пасивност, особено во време кога енергетиката ја определува конкурентноста на цели економии, при што се осврна на европскиот механизам за јаглеродно гранично приспособување, познат како СИБАМ, нова економска реалност која директно влијае врз конкурентноста на нашата електрична енергија и врз условите под кои домашните компании ќе настапуваат на европскиот пазар.
„Според Енергетската заедница, во првиот квартал од 2026 година комерцијално планираната размена на електрична енергија преку прекуграничните врски на Западен Балкан со Европската Унија се намалила за цели 25%. Истовремено, просечните цени на регионалните пазари биле околу 30 евра за мегават-час пониски од цените на соседните европски пазари. Практично, имаме електрична енергија што економски вреди повеќе на европскиот пазар, а регулаторните и пазарните бариери го ограничуваат пристапот на нашите производители до таа вредност“, рече Битиќи.
Тој нагласи дека Македонија требаше навремено да воспостави две паралелни оперативно разработени програми.
Првата е националната програма за исполнување на условите за временски ограничено изземање на електричната енергија од СИБАМ. Тоа подразбира завршување на поврзувањето со европскиот пазар, функционален систем за мерење, известување и верификација на емисиите, постепено воспоставување на јаглеродна цена и целосно усогласување со европските енергетски правила.
Втората е програмата за поддршка на индивидуалните производители од обновливи извори со јасни процедури за докажување на реалните емисии, договори за откуп на електрична енергија, часовно мерење и акредитирана верификација во согласност со европските услови.

„И денеска, по две години владеење, сè уште немаме јавно претставена целосно операционализирана рамка што ќе покаже како овие две задачи ќе бидат исполнети со конкретни рокови, одговорни институции и финансиски инструменти. И ќе бидам коректен. Отворен е внатрешниот пазар на електрична енергија, а започна и процесот на проверка на законското усогласување за поврзување со европскиот пазар. Тоа се позитивни чекори, но започнатата проверка не е завршена интеграција од која зависи можноста нашите производители конкурентно да ја продаваат електричната енергија“, рече Битиќи.
Тој додаде дека во просторот што го оставаат незавршените реформи, пазарните бариери и институционалната пасивност, се отвора сомнежот дека во македонската енергетика се создава своевиден посебен тарифен модел: 0 евра за оние што ја произведуваат струјата и повластена заработка за оние што имаат политички врски.
„Постојат информации за случаи кога во часовите на интензивно сончево производство на сопствениците на фотоволтаични електрани им се нуди откуп по нула евра за мегават-час, додека истата електрична енергија понатаму се продава на пазарот во соседна држава по цени од над 30 евра. Овие информации бараат проверка на конкретни договори и трансакции“, рече Битиќи нагласувајќи дека е важно да се утврди кој ја презема инвестициската одговорност, кој располага со пристап до пазарите и кај кого завршува економската вредност на произведената енергија.
„Јавноста има право да знае дали меѓу корисниците на вакви пазарни услови има компании и поединци кои деловно или политички се поврзани со функционери на ВМРО-ДПМНЕ и дали таквите врски имаат какво било влијание врз институционалното постапување или непостапување“, рече Битиќи.
Тој се осврна и на односот кон ЕВН, односно кон операторот на електродистрибутивниот систем.
„Законот предвидува недискриминаторски пристап, економско-технички оптимални приклучни точки и олеснување на поврзувањето на обновливите извори на електродистрибутивната мрежа. Меѓутоа, од инвеститорите пристигнуваат забелешки за долгите постапки, условите за приклучување и ограничувањето на мрежниот капацитет“, рече Битиќи.
Според негио, особено е сериозно што Државниот завод за ревизија во септември оваа година констатира дека не е информирана Комисијата за доделување овластувања за изградба на енергетски објекти, а не е ниту донесен потребниот подзаконски акт за критериумите за овластување. Тоа создава застој кај инвестициите од 1 мегават нагоре.
„Замислете ја институционалната апсурдност. Од инвеститорите се бараат капитал, проекти, дозволи и сериозна финансиска подготовка, а државата не успева навреме да формира комисија што треба да им овозможи да ја реализираат оваа инвестиција. Потребен е јавен увид во бројот на поднесени, решени и одбиени барања за приклучување, трошоците што им се наметнуваат на инвеститорите и причините за доцнењата. Ако операторот располага со доминантна позиција во мрежната инфраструктура, државата има уште поголема обврска да обезбеди еднакви и проверливи услови“, речќе Битиќи нагласувајќи дека привилегијата на еден оператор не мора да биде запишана во закон. Таа се создава и кога институциите предолго не проверуваат дали правилата еднакво важат за сите.
Битиќи исто така се осврна и на пероектот „Чебрен и Галише“ и потсети дека претходната Влада предводена од СДСМ избра најповолен понудувач за изградба на реверзибилната хидроцентрала Чебрен со предвидена инвестиција од речиси 1 милијарда евра. Но, тогашната опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, разви силна кампања на политички отпор во која економските и договорните прашања сè повеќе се претставуваа како прашање на националната припадност на инвеститорот и одбрана на националните ресурси.
Во февруари 2024 година, како лидер на опозицијата, Христијан Мицкоски отиде дотаму што тогашната постапка ја нарече антинационална. Во тоа време патриотизмот околу Чебрен беше високонапонски. Денес, повеќе од две години подоцна, реализацијата сè уште е без напон и еве нè денес каде сме.
Во мај 2025 година премиерот најави дека Чебрен и Галиште ќе се градат со средства од британскиот финансиски аранжман, со инвестиција од 1,2 до 1,3 милијарди евра. Во февруари 2026 година министерката Божиновска најави дека за еден до два месеца ќе биде појасен моделот на реализација. Во септември 2026 година премиерот веќе зборува за можност за финансирање преку Американската развојна финансиска корпорација ДФЦ.
„За три години ја променивте приказната за проектите Чебрен и Галиште. Сè уште немаат затворена финансиска конструкција и далеку се од започнување на изградбата“, рече Битиќи.