Еве колку заработуваат програмерите кои работат на вештачка интелигенција
„ОпенАИ“ го врати извршниот директор Сем Алтман откако стотици работници се заканија дека ќе дадат отказ поради соборувањето на креаторот на ЧетГПТ, нагласувајќи колкаво влијание имаат моментално најценетите работници во технолошката индустрија.
Платите на програмерите се доста високи, при што инженерите за вештачка интелигенција заработуваат од 8 отсто до 12,5 отсто повеќе од нивните колеги кои не се конкретно во оваа област, според анализата на платформата за податоци за компензација Levels.fyi.
Најчестиот опсег на плати за инженерска работа наведена на веб-страницата на „ОпенАИ“ е од 200.000 до 370.000 долари, иако се огласуваат неколку специјализирани улоги во опсег од 300.000 до 450.000 долари, вели Роџер Ли, ко-основач на компензациската компанија Comprehensive, пренесува Блиц.
Опсегот на плати не вклучува бонуси или награди за акции, што може да ја приближи годишната плата од 300.000 долари до вкупно 800.000 долари, според Levels.fyi.
Во индустрија каде талентот е најоскуден ресурс, егзодусот кој му се закануваше на „ОпенАИ“ би бил катастрофален.
„За новите технологии како вештачката интелигенција, имате само многу мала, мала група луѓе со искуство. Тие се производот, тие се компанијата“, рече Јулија Полак, главен економист на сајтот за регрутирање ZipRecruiter.
Побарувачката за програмери расте, но и платите
Тоа ги стави вработените во „ОпенАи“ во невообичаено моќна позиција да вршат директен притисок врз одборот на компанијата.
„Ограничувањето на понудата е многу реално, обврзувачко, особено на краток и среден рок“, рече таа. „Не можете лесно да ги обучите овие луѓе, не можете лесно да ги регрутирате од други места. Да ги задржите оние што ги имате е најважната стратегија“.
Кога станува збор за регрутирање на универзитети, постои голема разлика помеѓу разбирањето на моделите на вештачка интелигенција на теоретско ниво и поседувањето вештини и искуство за тие навистина да се применат. Високо специјализираните софтверски системи на „ОпенАИ“, исто така, ги прават неговите сегашни програмери уште повредни.
„Потребно е долго време за да се научи вистинскиот код на компанијата и технолошката низа. Инженер за вештачка интелигенција во компанијата вреди колку тројца инженери за вештачка интелигенција надвор од компанијата, со оглед на таа динамика“, рече Полак.
Персоналот на „ОпенАИ“ веќе очекуваше понуди за работа. Пред да биде вратен Алтман на функцијата, „Мајкрософт“ соопшти дека би биле добредојдени да се приклучат на новата истражувачка лабораторија за вештачка интелигенција. „Мајкрософт“ има околу 49 отсто удел во „ОпенАИ“.