Евакуирани речиси 70.000 луѓе – големи поплави во кинеската покраина Гунагдонг (видео)


Повеќе од 180.000 луѓе се погодени од силни поплави во округот Хуаиџи, градот Жаоќинг, во јужната кинеска покраина Гуангдонг, по обилните дождови од саботата, соопштија локалните власти.

Врнежите од дожд беа предизвикани од комбинација од тајфунот Вутип – првиот тајфун во годината – монсунски дожд и прилив на вода од повисоките области, објави Синхуа.

Денес во 7:05 часот наутро, нивото на водата во Хуаиџи достигна 55,22 метри, што е 5,22 метри над нивото на предупредување.

19 населби беа поплавени, а околу 68.000 луѓе беа евакуирани во безбедни области.

Насипи, патишта и земјоделско земјиште претрпеа сериозни штети.

Активирани се повеќе од 10.000 спасувачи и повеќе од 500 единици опрема за итни случаи.

Поради влошувањето на ситуацијата, властите вчера во 19 часот прогласија највисоко, прво ниво на вонредна состојба поради поплавите.

Наставата беше прекината, а сообраќајот и деловните активности низ целиот округ беа прекинати.