„Еуровиа“ станува водечки инвеститор во „Кимо“
Со договор за инвестирање што беше потпишан денеска во Македонска берза АД Скопје македонската компанија Еуровиа (Eurovia ) се обврза да биде т.н. водечки инвеститор во стартапот Кимо (Kiimo), со цел обезбедување на клучниот услов за почнување кампања за прибирање дополнителни финансиски средства од страна на Кимо преку глобалната иновативна crowdfunding платформа Funderbeam.
Преку оваа платформа македонските стартапи имаат можност за пазарно финансирање во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал.
-Ова е прв случај на класична корпоративна инвестиција од една македонска компанија во македонски стартап. Секоја кампања на Funderbeam мора да има водечки инвеститор. Водечкиот инвеститор може да биде било кој правен субјект или физичко лице кои имаат добри познавања на бизнисот и економијата и оформена слика за инвестицискиот потенцијал на компанијата која ќе се обиде да прибере средства преку Funderbeam од други помали инвеститори од земјата и странство. Водечкиот инвеститор и самиот инвестира, со што демонстрира доверба во позитивните перспективи на компанијата, стои во соопштението од компаниите.
Според Елмедин Адеми, извршниот директор на Еуровиа, ова претставува силна бизнис можност за овој прект.
-Впрочем, семејните вредности кои ги вградивме уште на почетокот во градежништвото, денес прераснаа во широк спектар на индустрии кои ја сочинуваат нашата групација која силно расте во земјава, но и во регионот. Нашата стратешка цел е да бидеме вистинска инвестициска компанија, фокусирана на иновации, нови технологии и динамичен развој. Токму затоа Eurovia ќе го поддржи овој стартап, затоа што делиме слични визии за тоа како можеме да го менуваме светот на подобро, изјавиАдеми.
Давид Павловски, основач на компанијата Кимо, потенцираше дека со оваа инвестиција и кампања, конечно се става во употреба технологијата која ја развивавале веќе подолго време, а со која целосно ќе се променел начинот на достава на пратки во урбаните средини.
-Навистина ми е драго што домашна компанија го препозна потенцијалот на еден македонски стартап. Иако Kiimo веќе има подигнато инвестиции надвор од земјава, нашиот следен потфат е оперативното стартување да започне токму од Македонија и Хрватска, за што подготвуваме многу изненадувања. Практично, изјави Павловски.
Kiimo апликацијата делува во сегментот на економија на споделување и го демократизира начинот на доставување преку вклучување на сите луѓе во процесот на достава.
Инвестицијата и почнувањето на кампањата се потпомогнати од SEEUTechPark и поддржани од ФИТР чии преставници присуствуваа и на потпишување на договорот.