„Еуромакс“ за идните чекори ќе одлучи по консултации со правниот тим


 

Веднаш по прес-конференцијата на министерот за економија, Крешник Бектеши, на која тој објави дека Владата вчера ја поништила одлуката за спојување на концесиите за рудникот „Иловица“ компанијата „Еуромакс ресорцес“ се јави со соопштение во кое вели дека „со особено внимание ја следи разврската за остварувањето на нашите права како инвеститор“.

Во соопштението се додава:

„Во таа насока, ќе почекаме сите одлуки кои што се однесуваат на спојувањето на концесиите ‘Иловица 6’ и ‘Иловица 11’ за рудникот за бакар „Иловица – Штука“, да бидат јавно објавени со цел заедно со нашиот правен тим да направиме увид во аргументацијата врз основа на која тие се донесени.

По ова, Бордот на директори во консултација со правниот тим ќе одлучи какви идни чекори ќе преземеме за да ги заштитиме нашите права како инвеститори“.

Од компанијата велат дека ревидираната одлука  може да предизвика сериозни импликации врз буџетот на државата.  „Еуромакс“ уверува дека  проектот се реализира со целосно почитување и спроведување на сите законски и договорни обврски, а согласно планот за инвестиции во овој рударски комплекс се предвидени средства во вкупен износ од над 340 милиони евра, а досега се вложени над 40 милиони евра.

Компанијата тврди дека државата сега се доведува во опасност да плаќа отштета од најмалку една милијарда евра на арбитража,  наместо да ќари најмалку 340 милиони од реализацијата на инвестицијата.

За евентуално покренување спор пред меѓународните судови, компанијата  „Еуромакс ресоурцес“ се повикува  на билатералната спогодба за заштита на инвестиции меѓу Македонија и Швајцарија, потпишана во 1996 година.

Мнозински акционер на „Еуромакс ресоурцес“ е групацијата „Трафигура“.