„Еуромакс“ ќе ги штити правата на инвеститорите


 

Околу најавата за повлекување на одлуката за спојување на двете концесии, треба прво да почекаме таа да биде објавена, за да се види правната аргументација за нејзиното донесување, а дури потоа во координација со нашите правни тимови ќе ги преземеме сите конкретните чекори за заштита на нашите права како инвеститор, велат од „Еуромакс ресоурцес“.

„Наша обврска и должност е да ги заштитиме правата на сите акционери во ‘Еуромакс’ и поради тоа ќе бидат искористени сите правни лекови во државата. Тука не се исклучува опцијата за покренување на меѓународна арбитража во Вашингтон, САД, базирано на билатералниот Договор за поттикнување и взаемна заштита на инвестициите склучен помеѓу Федералниот совет на Швајцарија и Владата на Република Северна Македонија.

Во секој случај, најавената одлука за повлекување на веќе донесената одлука за спојување на концесиите бр.41-6339/3 од 27 јуни 2023 година, објавена во ‘Службен весник’ бр.141 од 4 јули 2023 година, би бил преседан кој воведува правна несигурност кај меѓународните и домашните инвеститори и недоверба во владеењето на правото како основен инструмент за заштита на инвестициите во државата.

Дополнително, со оглед на фактот што матичната компанија ‘Еуромакс ресоурцес’ е компанија што котира на берзата во Торонто, секоја сензитивна информација или одлука може да влијае на лажно наведување на инвеститорите, за кое може да се сноси колективна или индивидуална одговорност пред судовите во Канада и САД, доколку поединечни инвеститори го побараат тоа поради претрпена штета’, велат од компанијата.