„Еуроконтрол“: Загубите во воздушниот сообраќај во Европа може да достигнат 140 милијарди евра
Воздушниот сообраќај во Европа годинава, поради пандемијата со Ковид-19, ќе биде многу потешко погоден отколку што првично се очекуваше, соопшти денеска „Еуроконтрол“.
„Вкупниот број на летови во Европа се очекува да биде 55 проценти помал отколку во 2019 година, што е шест милиони летови помалку, односно за милион летови повеќе отколку што првично беше планирано“, соопшти „Еуроконтрол“, европската меѓувладина организација надлежна за координација на управувањето со воздушниот сообраќај во Европа.
Вкупните загуби за авиокомпаниите и аеродромите годинава може да достигнат 140 милијарди евра, 30 милијарди повеќе од априлската проценка.
„Еуроконтрол“ во април очекуваше постепено закрепнување на воздушниот сообраќај до крајот на годината, но тоа сценарио веќе не е веројатно по застојот во август. Во следните месеци, воздушниот сообраќај треба да биде околу 40 до 50 проценти од нормалниот, што значи дека сообраќајот во текот на целата година може да биде помал за 55 проценти, или за шест милиони летови помалку, пресмета „Еуроконтрол“.
Генералниот директор на „Еуроконтрол“, Имон Бренан, се пожали на недостаток од „координација меѓу земјите-членки“.
-Постои голема конфузија и многу мала доверба на патниците, како што расте бројот на лица заразени со коронавирус. Сегашното сценарио може да се подобри доколку постои поголема координација меѓу земјите-членки за тоа како најдобро да управуваат со воздушниот сообраќај преку усогласен пристап кон тестирање и заеднички проценки на епидемиолошките критериуми. Со тоа ситуацијата ќе стане попредвидлива за патниците, аеродромите и авиокомпаниите. Во исто време, ситуацијата може да се влоши доколку државите продолжат да воведуваат општи ограничувања и карантински мерки – овој пристап ја убива туристичката индустрија, рече Бренан.