ЕУ воведува данок за компаниите со приходи поголеми од 100 милиони евра
Брисел – Европската Унија ја разгледува можноста да воведе данок за големите компании, вклучувајќи ги и големите американски технолошки компании, во обид да ги зголеми приходите на ЕУ, а воедно да избегне негативна реакција од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, објави денеска „Фајненшл тајмс“.
Европската комисија разгледува нови начини за зголемување на приходите од технолошките компании како што се „Епл“, „Мета“ и „Гугл“, без да ги издвои, објави весникот, повикувајќи се на шест функционери запознаени со дискусиите.
Брисел разгледува измени во предлогот за Корпоративни ресурси за Европа (CORE), според кој сите компании што работат во ЕУ со годишен приход од над 100 милиони евра ќе плаќаат рамен годишен данок, објави „ФТ“.
Според сегашниот предлог за CORE, овие компании би плаќале годишна фиксна такса од 100.000 до 750.000 евра, што би покривало само мал дел од профитот на мултинационалните компании.
Американскиот претседател Доналд Трамп во јуни се закани дека ќе воведе 100-проценти царина за сите стоки од земјите што наметнуваат данок на дигитални услуги на американските компании.