ЕУ воведе уште санкции против Русија, а исклучи и три белоруски банки од Свифт
Европската унија одлучи да ги прошири санкциите против Москва и Минск поради руската инвазија на Украина, меѓу другото и со исклучување на три белоруски банки од меѓународната финансиска платформа Свифт, соопшти француското претседателство со Советот на ЕУ.
На состанокот во Брисел, претставниците на земјите-членки на ЕУ додадоа уште имиња на руските функционери и олигарси на нивната црна листа и воведоа нови санкции насочени кон поморскиот сектор, објави француското претседателство на Твитер.
Проширена е листата на технологија и стоки кои не можат да се извезат во Русија, како и појаснување на ограничувањето воведено за криптовалутите.
Г7 и ЕУ минатата недела објавија дека се обидуваат да ја спречат Русија да најде начин да ги избегне западните санкции со користење на криптовалути.
Откако САД и нивните западни сојузници воведоа санкции кои имаат за цел да го парализираат банкарскиот сектор и руската валута по инвазијата на Украина, купувањето криптовалути во рубли се искачи на рекордно ниво.
Мерките усвоени денеска, кои ќе стапат на сила по официјалното одобрување на државите и нивното објавување во „Службениот весник“ на ЕУ, имаат за цел да ги „заокружат“ санкциите што Унијата ги усвои во последните недели, се вели во соопштението.
Од руската анексија на Крим во 2014 година, ЕУ веќе воведе санкции за 680 физички лица и 53 субјекти, на кои им е забранет влез на територијата на Унијата и замрзнати средства во ЕУ.
Од крајот на февруари, ЕУ исто така ги замрзна средствата на руската централна банка надвор од Русија, го блокираше пристапот на руските финансиски институции до европските пазари на капитал и исклучи седум руски банки од меѓународниот финансиски систем на Свифт.
ЕУ исто така го забрани својот воздушен простор за руски компании, како и извоз на технолошки делови наменети за воздушниот сектор во Русија. (АФП)