ЕУ предупредува на колапс на пазарот на недвижности во Хрватска, Бугарија, Унгарија…


Европскиот одбор за системски ризик (ESRB) издаде предупредување за пазарот на недвижности во Хрватска и други земји членки на ЕУ, бидејќи смета дека зголемувањето на цените на недвижностите може да претставува закана за нивните финансиски системи во догледна иднина.

Се очекува Хрватска да преземе конкретни мерки кои ќе го обесхрабрат ваквото задолжување на среден рок, па може да се очекува дека Хрватската народна банка ќе ги заостри условите за кредитирање и ќе го намали максималниот износ на заеми што луѓето можат да ги земат во однос на приходите, пренесува хрватскиот Вечерњи лист.

Освен во Хрватска, слично предупредување имаше и Бугарија, Унгарија, Лихтенштајн и Словачка.

Од сите овие земји се очекува да преземат навремени мерки за да се спречи „прегревање на пазарот на недвижности“.

Предупредувањето е поблага форма од препораките дадени до Австрија и Германија да донесат мерки за проверка на кредитната способност на должниците и слично.

Во Германија цените на становите лани пораснале за 12 отсто, а во Хрватска и Австрија за околу девет отсто.

Од 2015 година становите во Загреб поскапеа за 55 отсто, на Јадранот за 40 отсто, а во другите делови на земјата за 22 отсто.

Скокот на цените на недвижностите е доминантен во целиот регион, а што се однесува до Хрватска, некои претходни податоци покажуваат дека цените на становите најмногу скокнале во Риека, Осиек, но и во Загреб.