ЕУ предлага минимална брзина од 160 км/час за патничките возови

Големото позеленување на транспортот треба да поврзе 424 големи градови со железница, водни патишта, кратки морски маршрути и патишта


Еу со брзите возови како „Ти-жи-ви“ сака да го промовира зелениот транспорт

Европската комисија предлага минималната брзина на патничките возови на главните линии да биде 160 километри на час до 2040 година. Иницијативата е вградена во новиот пакет за развој на чист транспорт, со кој Брисел се надева дека ќе помогне да се постигне целта на Европскиот зелен пакт за јаглеродна неутралност до 2050 година.

„Употребата на железнички и чист градски транспорт треба да стане стандардна опција за Европејците“, рече потпретседателот на Комисијата за климатски промени Франс Тимерманс на презентацијата на предлогот во Стразбур во вторникот вечерта.

Комисијата предлага и развој на брза железничка мрежа како алтернатива на кратките летови. Програмата за нив ќе започне во 2022 година со развој на 15 проекти за брзи врски. Земјите-членки ќе можат да аплицираат за европски проекти за финансирање, според акцискиот план, кој опишува како ќе се зајакне железничкиот транспорт на долги релации. Тие можат да бидат поврзани со подобрување на постоечките пруги или градење нови.

Брисел, исто така, сака да го олесни купувањето билети за воз за меѓународни возови во ЕУ и да ги подобри врските со аеродромите и пристаништата, вклучително и со олеснување на проверката на багажот од воз до авион без тоа да го направи патникот. За да се направи поатрактивно патувањето со воз, Европската комисија исто така предлага да се воведе можност за намален ДДВ на билетите за воз, користејќи го искуството на Германија, каде што тоа доведе до зголемување на патниците кои претпочитаат возови наместо авиони.

Транспортните коридори во Европа

Големото позеленување на транспортот, според стратегијата на Брисел, зависи од завршувањето на работата на главната транспортна мрежа во Европа, TEN-T, која треба да поврзе 424 големи градови со железница, водни патишта, кратки морски маршрути и патишта. За да ги поттикне земјите да ја завршат својата работа, Европската комисија предлага да се воведе нов привремен рок до 2040 година пред мрежата да биде готова една деценија подоцна. Според сегашните планови, главните транспортни коридори треба да бидат готови до 2030 година, а нивните доградби до 2040 година, а последните врски ќе бидат изградени до средината на векот.

Покрај минималната брзина од 160 километри на патничките возови се предвидува товарните да сообраќаат цо најмалку 100 километри на час, а времето на чекање на возовите на границите да не е повеќе од 15 минути.

424 европски градови вклучени во TEN-T, исто така, ќе треба да подготват планови за одржлива урбана мобилност за да го олеснат патувањето во и околу урбаните области. Иако ваквите планови не се одредуваат од Брисел, самото нивно постоење ќе биде задолжително за градовите со над 100.000 жители, изјави еврокомесарката за транспорт Адина Валеан. За ваквите амбициозни планови ќе бидат потребни 240 милијарди евра до 2050 година, рече Валеан.