Порака од ЕУ: Креативното решение за Македонија е лимитирано со заклучоците на Советот
За Македонија се вели дека нема пат одоколу и дека заклучоците на Советот на ЕУ треба да се исполнат па се прават напори - да се смени нешто без да се смени формално ништо
(Од нашиот известувач)
БРИСЕЛ – Три дена пред стартот на новата политичка гарнитура во Европската унија никој не знае како ќе изгледа креативното решение со кое Македонија ќе може да ги продолжи преговорите за членство, но пораката е дека нема шанси земјата да биде оставена назад.
Идната недела ќе се држи средба на новиот претседател на ЕУ, Антонио Коста, со лидерите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, а на средината на декември ќе се одржи самит на ЕУ со Западен Балкан. ЕУ сака да стартува со голема брзина, а проширувањето според тврдењата овде во Брисел не е веќе според реченицата дека „Брисел глуми дека се проширува, а кандидатите дека прават реформи“.
Императив и јасна политичка линија, според тврдењата овде, е ЕУ да се комплетира и да биде обединета, со конкретна најава дека сега ќе почнат да се затвораат а не само да се отвораат поглавја со Црна Гора, или во превод оваа земја да биде првата што по долга пауза ќе стане членка на Унијата.
За Македонија пораките се многу нејасни. Генерално, оценката е дека нема пат одоколу и дека заклучоците на Советот на ЕУ треба да се исполнат поради што се прават напори – да се смени нешто без да се смени формално ништо. Во Брисел сите се свесни дека има „многу специјално прашање“ како услов за Македонија, но дека земјите членки имаат право на вето и затоа не можат да се даваат гаранции за процесот.
„Има малку трпение во моментов кога една земја членка користи билатерални карти против друга. Такво нешто не пречеше многу во минатото, но сега е во центарот на вниманието на сите. Нема гаранции за преговорите и секој од кандидатите за членство во некој момент се соочувал со некаков чекор од соседите, земји членки. Но, има барања и барања и на некои може да се одговори, а на некои не. Ако се одблокира процесот, тоа ќе биде огромен чекор за земјата и за јавната администрација бидејќи влегувате во друга фаза“, порача извор на ЕУ.
Според овој извор, Македонија направила многу повеќе концесии од која било земја, но тоа не треба да биде причина да ја изгубиме целта околу преговорите.
Иако овде потврдуваат дека зад сцената има обиди да се најде, како што се вели, креативно решение за да се одблокираат преговорите, сепак тие не се во таква фаза тоа да биде формализирано и веројатно се чека новиот состав на ЕК и на Советот за да се забрза тоа.
Тоа што Бугарија пак ќе оди на избори и што главно има технички влади, не се гледа како проблем во Брисел, бидејќи оценка е дека сите партии таму и сите влади, какви и да се, имаат ист став за прашањето со Македонија и имаат консензус за уставните измени. Ако сакате да бидете креативни, зборувањето со техничката влада со Бугарија е исто така една од опциите, велат од Брисел. Но, креативноста според нив, е лимитирана од заклучоците на Советот на ЕУ за преговорите со Македонија и треба да се движи во тие рамки.
„По руската агресија дојдовме до лимит со националните вета и генерално има разбирање дека треба да има повеќе области каде што ќе се носат одлуки со квалификувано мнозинство, но за тоа да се смени треба време“, порачува извор од ЕУ. Според него, притисоците се нешто што е дел од процеот на преговори, но може да бидат решени во текот на преговорите, порача тој.
Иако кај нас сѐ помалку веруваат дека ЕУ ќе се проширува и дека Македонија ќе стане членка, овде сите порачуваат дека ваква промена на политиката кон проширувањето немало досега и дека дури и Франција станала силен поттурнувач на процесот.
„Предолго сте во собата за чекање. Кога велиме дека проширувањето е повторно на агенда, тоа е реална порака. Зборуваме за конкретни датуми и за конкретни планови“, порачуваат во Брисел.
Во тој стил тие продолжуваат да работат и околу Македонија иако се блокирани преговорите и според најавите сега се финализираат акциските планови за владеење на правото и за јавната администрација, како и Акцискиот план за малцинства за кој тврдат дека е вообичаено дел од преговарачкиот процес и не се однесува само на бугарското, туку на сите малцинства што се под 20 отсто во земјата. Според уверувањата од македонски извори во Брисел, планот за малцинствата не содржи ништо спорно за јавноста и дека се исти обврските како и за Албанија, но ќе се презентираат подетално.
Она што ги загрижува во Брисел е дека неусвојувањето на уставните измени ќе има импакт на владеењето на правото, на пресметкаа со корупцијата и на другите реформи кои се клучни за ЕУ.