ЕУ компромисот е на сметка на субвенциите и условите за владеење на правото


Пет дена и четири ноќи макотрпни преговори донесоа компромис помеѓу 27-те земји членки, кој сите страни го презентираат како успех за нивната држава, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Од 750 милијарди евра за Фондот за закрепнување, 390 милијарди ќе одат во форма на субвенции. Ова е далеку помалку од она што го застапуваа Германија и Франција, кои сакаа 500 милијарди субвенции.

Малата група на таканаречени “штедливи“ земји, Холандија, Австрија, Шведска, Данска и Финска, успеаја да се изборат за значително намалување на износот на грантови, или субвенции, односно обемот на пари кои де факто ќе значат заеднички долг на ЕУ. Со месеци, “штедливите“ одбиваат “преголема“ помош за јужните земји без строга условеност со макрофинансиски и буџетски правила и покрај огромната штета врз здравствените системи на јужноевропските земји како Италија и Шпанија од пандемијата на коронавирусот.

Плановите за економско заздравување на земјите членки ќе бидат предмет на строг надзор од страна на Европската Комисија, како што бараше Холандија, согласно препораките кои оваа институција ги изготвува редовно за секоја земја членка, односно златните буџетски правила на ЕУ за финансиско управување – долг, дефицит, реформа на пазарот на трудот и на социјалните системи. Холандија исто така во овие преговори успеа да издејствува поголем попуст, односно поврат на средства од заедничкиот буџет, за себе и за другите “штедливи“ земји.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел, кој го иницираа овој начелно амбициозен фонд за закрепнување, настојуваа да покажат дека оската Берлин Париз е силна и обединета и покрај разводнувањето на конечниот компромис.

Другата важна битка што се биеше околу буџетот и фондот за закрепнување беше онаа за условување на помошта со строги правила за владеењето на правото, посебно насочени со земји каде демократските институции се под силен напад како Унгарија и Полска, и кои се предмет на прекршочни процедури во ЕУ, процедури кои се одолговлекуваат и за сега не дале конкретни резултати. Процедурата член седум против Унгарија, изгласана од Европскиот Парламент, е блокирана во Советот на ЕУ каде мора да биде одобрена едногласно.

Иницијалниот предлог требаше да содржи јасен механизам со кој фондовите за помош ќе се ослободат под услов да се почитуваат начелата на правната држава. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан вчера ова го спореди со “советските методи“.

Конечниот компромис меѓутоа предвидува едноставно дека правната држава е “важна“ за ЕУ и дека финансиските интереси на Унијата мора да бидат заштитени согласно вредностите и принципите од повелбите на ЕУ. Советот ветува дека ќе се “наврати на прашањето“. Но, унгарската и полската влада утрово се прогласија победници во овие преговори, истакнувајќи дека го спречиле силниот надзор на Брисел врз владеењето на правото и ги “заштитиле“ нивните национални интереси.