ЕУ изрази жалење што Силјановска не го испочитува Договорот од Преспа


Фото: Б. Грданоски
 
Европската унија (ЕУ) изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, претседателката Сиљановска-Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија кога даде заклетва, изјави портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
 
„ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција“, изјави Стано.
 
Многу разочаран беше и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
 
„Многу е разочарувачки што новиот претседател на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на заклетва.Е У потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, напиша тој на Твитер.

 

Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свечена заклетва во Собранието, по што го почна мандатот како претседателка на државата откако победи на претседателските избори на 8 мај. При давање на заклетвата, повторувајќи по претседателот на Собранието, Јован Митрески кој го користеше уставното име Република Северна Македонија, Сиљановска-Давкова употребуваше само Македонија.

Претходно и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во објава на мрежата Икс (порашен Твитер) порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.