ЕУ испраќа писмо до Србија да ја објасни својата позиција за кластерот 3
Амбасадорите на членките на Европската унија на 16 декември се согласија да испратат писмо до Србија, како компромисен договор за Србија, бидејќи немаше договор за отворање кластер
Советот за општи работи на Европската унија го одобри писмото со кое ја поканува Србија да ја достави својата преговарачка позиција за отворање на кластерот 3 во пристапните преговори, објави во вторникот унгарското претседателство.
Одлуката е донесена на состанокот на министрите одговорни за европски прашања. Писмото упатено до Србија се однесува на поглавје 16 (оданочување) и поглавје 19 (социјални политики и вработување), во рамките на кластерот 3: Конкурентност и инклузивен раст.
Амбасадорите на членките на Европската унија на 16 декември се согласија да испратат писмо до Србија, како компромисен договор за Србија, бидејќи немаше договор за отворање кластер.
Според дипломатски извори брифирани за дискусијата на амбасадорско ниво, имало земји кои го повториле ставот дека, како што се наведува, договорот за испраќање на писмото не ја прејудицира одлуката дали ќе се отворат преговорите за кластерот.
Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград изјави дека ЕУ ќе го отвори Кластерот 3 за Србија во преговорите „најверојатно на крајот на јануари или во првите денови на февруари“.
Говорејќи на седницата на Владата на Србија, тој потсети дека Србија нема отворено ниту едно поглавје од 2020 година.
„Тоа е важна работа, но имаме уште многу да направиме“, изјави Вучиќ.
За да се отвори одредено поглавје или кластер, потребно е и земјата-кандидат и Европската унија да ги подготват своите преговарачки позиции.
Доколку Србија по добивањето на ова писмо го заврши овој дел од работата и ја достави својата преговарачка позиција, процесот не може да продолжи без став што треба да го усвои Европската унија.
Од друга страна, Европската Унија со заклучоци ќе потврди дека ќе се врати на прашањето за отворање на кластерот 3 врз основа на значителниот напредок на Србија во областа на владеењето на правото и дијалогот со Косово.