ЕУ го бара независниот фискален совет


Македонија ја доби листата од шест приоритети во економијата што треба да ги спроведе за една година, како дел од подготовките на земјата за ЕУ. Вчера, на Министерскиот дијалог со ЕУ во Брисел, од Македонија присуствуваа министерот за финансии Драган Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.

Земјата треба истовремено да инвестира и да го стабилизира долгот.

„Последните години има тешкотии во реализирањето на капиталните инвестиции. Планираните инфраструктурни активности не се реализираат до крајот на годината, од различни причини, што не е добро бидејќи овие средства би можеле да го поттикнат развојот на економијата“, рече Фрек Јанмат, шеф на одделот за економски прашања во Делегацијата на ЕУ во Скопје соопштувајќи ги заклучоците од евродијалогот.

Земјата треба да го подобри собирањето даноци и да изгради европски споредливи јавни финансии. Јавните претпријатија треба да се вклучат во извештаите за трошењата на општата влада.

„Треба да се одобри новиот закон за буџет, со фискалните правила и да се направат подготовки за независен фискален совет“, рече Јанмат објаснувајќи дека е добро да се воведат правилата што ги нема во моментов во земјава, а тоа е јавниот долг да не смее да надмине 60 проценти од БДП и буџетскиот дефицит да не надмине три отсто. Тој ја аргументираше и потребата за дејствување на фискален совет, по примерот на Србија, кој би бил независен глас кој врши надзор над финансиските политики на Владата. Него би го сочинувале професори, академици и независни експерти.

Третиот сет препораки се однесуваат на банкарството, каде што се бара да се спроведат одобрените стратегии за подобро управување со нефункционалните кредити и за денаризација. Иако процентот на нефункционални кредити (5 отсто) не е голем, поради високата евроизација има ризик дел од функционалните кредити да станат нефункционални – посочи Јанмат.

Кај бизнис-секторот, препорака е да се разјасни што прави секој од 28. инспекторати, што е оценето дека е висока бројка и се случува преклопување на контролите. Исто така, земјата треба да направи регистар за парафискални давачки на централно и на локално ниво. Граѓанските судови треба да ги зајакнат капацитетите за да се намали времетраењето на процесите во кои учествуваат компаниите.

Иако државата има прифатено акциски план за формализација на неформалната економија 2018-2020, ЕУ бара да се осигури неговата примена соодветно на роковите. Младинската гаранција, како мерка за намалување на големата невработеност кај младите, која во Македонија изнесува 45 проценти, а во ЕУ 15, бара спроведување на младинската гаранција на целата територија на земјата, посебно во неразвиените подрачја. За таа цел треба да се обезбедат доволно и соодветни квалификувани кадри во Агенцијата за вработување и во Националниот младински совет. Во делот на образованието, треба да се подобри инфраструктурата, образовните содржини и квалификацијата на наставниците, со цел да се надмине состојбата на разидување на барањата на бизнисот и образованието на кадарот.

Она што го препорачува ЕУ, според Јанмат, земјата треба да го спроведе за една година. „Ние го следиме спроведувањето на препораките во Северна Македонија и сметаме дека Северна Македонија во споредба со другите земји е добра и е на второ место, но тоа не значи дека тоа не треба да се поправи. Ја охрабруваме Владата да ја употреби оваа програма за реформи и за раст“, изјави Јанмат.

 

Народна банка: Правиме услови за добра инвестициска клима

 

Народната банка, за да го зголеми нивото на странски директни инвестиции, ги остварува клучните цели: одржување на ценовната стабилност и одржување и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем. Успешно ги остваруваме овие наши цели. Макроекономската и финансиската стабилност е основа на инвестициската клима – таа ја намалува премијата на ризик на економијата и привлекува странски инвеститори, а придонесува и за зголемување на домашните заштеди, кажала гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на тематската дискусија посветена на структурните реформи и странските директни инвестиции, во рамки на Економскиот и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција, информираше НБРМ.

Ангеловска-Бежоска укажала дека Централната банка ќе продолжи со зајакнување на надзорот на систематски значајните банки и ќе придонесе за натамошен развој на алтернативните финансиски инструменти, иновативното финансирање, продлабочување на финансиските пазари и поттикнување на финтек-услугите кај нас.