Естрадата во претседателска кампања: Кој пее за Пендаровски, a кој за Силјановска?
Естрадата се вклучи со песна во кампањата на тројцата кандидати за претстојните претседателски избори кои ќе се одржат на 21 април и на кои ќе се избере петтиот претседател на Македонија.
Во зависност од тоа за кој кандидат станува збор и која партија застанува зад него, има естрадни изненадувања, некои ќе пеат повторно, а се појавуваат и нови имиња. Има претставници и од поп и од фолк сцената.
На митинзите за Стево Пендаровски како кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата пеат: Владо Јаневски, Викторија Лоба, Дани Димитровска, Дарио, Ѓоко Танески, Бени Шаќири, Златко Ориѓански, Александар Митевски и Кристина Арнаудова.
На митинзите, пак, на Гордана Силјановска-Давкова, како кандидат поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, настапуваат фолк-ѕвездите: Наум Петрески (кој досега беше дел од политичките кампањи на СДСМ) и Миле Кузмановски, дуото „ДНК“ и Андријана Јаневска.
На митинзите на Блерим Река, кој е независен кандидат, поддржан од Алијансата на Албанците и движењето БЕСА, не настапуваат пејачи поради скромниот буџет. Како што ни изјави неговиот шеф на кабинет, можеби некои од пејачките ѕвезди ќе се појават на последниот митинг на Река, на 18 април во Тетово.
Пејачите не ги следат претседателските кандидати во сите градови низ Македонија, а хонорарот и понатаму останува тајна.
Во јавноста секогаш настапите на пејачите на политичките митинзи предизвикуваат внимание и најчесто нивното појавување се врзува со политичката определба или симпатија на пејачот кон одредена партија. Некои од нив не ја кријат својата определба и не ги менуваат таборите од година во година, додека други изведувачи, пак, тврдат дека настапите немаат врска со политика туку со тезгата што е примамлива во овие услови и е дополнителна заработка за музичарите кои не можат да се пофалат дека добро се живее од музика во Македонија.
Пендаровски, на првиот ден од кампањата, промовираше песна и спот под наслов „Сите едно пееме“, како дополнување на неговиот слоган „Заедно напред“. Песната, чиј автор е Дуке Бојаџиев, всушност, не е нова и уште во 2016 година беше достапна преку интернет-каналот на „Јутјуб“ со наслов „Свет без граници“.
Гордана Силјановска-Давкова сè уште не објави видео и песна што би биле препознатливи за нејзината кампања. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа сè уште не е дефинирано. За свој слоган на кампањата го избра „Правда за Македонија! Татковината повикува!“
Претходно, реакции во јавноста и на естрадата предизвикаа и наменската песна и спот за референдумот „Излези за европска Македонија“, во која се вклучија повеќе македонски пејачи, пејачки, музичари и актери. Тамара Тодевска, Тијана Дапчевиќ, Бени Шаќири, Ѓоко Танески, Бубо Каров, Драган Спасов-Дац, Дани Димитровска, Викторија Лоба, Дарио Панковски, Кристина Арнаудова, Златко Ориѓански, Александар Митевски, Владо Јаневски, Виолета Томовска и Сашо Гигов-Гиш дадоа свој придонес во владината кампања за да се излезе на референдумот и да се гласа „за“. Најголемите реакции беа за пејачот и поет Сашо Гигов-Гиш бидејќи претходно беше учесник на протестите „За заедничка Македонија“, каде што држеше и говори. Исто така, на социјалните мрежи се коментираше и за Владо Јанески бидејќи и тој беше дел од политичките кампањи на ВМРО-ДПМНЕ.
Л. Сабит Фото: Б. Грданоски