ЕСМ се задолжи 97 милиони евра, ќе гради фотонапонска електрана „Битола 3“ и ќе ги ревитализира хидроелектраните
Денеска, беа потпишани договорите за државна гаранција и договорите за заем во вкупна вредност од 97 милиони евра, наменети за два капитални енергетски проекти кои ќе ја трансформираат енергетската слика на државата. Од овие средства, вкупно, 87 милиони евра кон АД ЕСМ се наменети за најголемата фотонапонска електрана „Битола 3“, 50 милиони евра од КфВ и 37 милиони евра од Европската банка за обнова и развој(ЕБОР). Уште дополнителни 10 милиони евра од КфВ ќе бидат насочени за реализација на третата фаза од ревитализацијата на државните хидроелектрани.
На настанот на кој присуствуваше претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, договорите за државна гаранција ги потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу и директорот на регионалната канцеларија на КфВ, Мориц Реме. Истовремено, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, ги потпиша посебните договори за заем со претставниците на меѓународните финансиски институции.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска -Кочоска се заблагодари на Европската банка за обнова и развој и германската КфВ банка кои континуирано стојат зад Република Македонија во реализацијата на значајни проекти во инфраструктурата и особено во енергетскиот сектор и истакна дека Министерството за финансии преку обезбедување државна гаранција овозможи овој проект да добие вкупно 87 милиони евра – 50 милиони од КфВ и 37 милиони од ЕБОР, како и дополнителни 10 милиони евра за ревитализација на хидроелектраните.
„Со овие капитални инвестиции, заедно со АД ЕСМ, ја зајакнуваме домашната енергетска продукција, обезбедуваме стабилно снабдување со електрична енергија и ја поттикнуваме економската стабилност и одржлив развој. Министерството за финансии останува посветено на поддршка на проекти кои ја граделе иднината на нашата држава – зелена, економски силна и енергетски независна“ изјави Димитриеска-Кочоска.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Узунчев, истакна дека овој чекор е од суштинско значење за оперативната одржливост на компанијата и за енергетската безбедност на Македонија.
„Нашите стратешки цели веќе се реализираат со голема динамика на терен. Токму денеска ги отвораме понудите за избор на изведувачи за фотонапонските електрани ’Осломеј 2’ и ’Битола 1 и 2’, а истовремено интензивно се работи и на теренска реализација на втората фаза од ветерниот парк ’Богданци’. Преку сите овие проекти, вклучувајќи ја и новата електрана ’Битола 3’, во следните две до три години ќе го зголемиме домашното производство од обновливи извори за повеќе од 200 MW. Тоа не само што значи енергетска стабилност, туку и значаен еколошки придонес со намалување на годишните емисии на јаглерод диоксид за повеќе од 260.000 тони, годишно“ – изјави Узунчев.
Како што рече амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер, во текот на изминатите години, Германија и ЕУ обезбедуваа континуирана поддршка за земјава на патот кон одржлива и отпорна енергетска иднина.
„Договорите потпишани од Германската развојна банка KfW, ЕБОР, Владата и ЕСМ се уште еден чекор за овозможување непречена енергетска транзиција преку правилна комбинација на обновливи извори на енергија – смета Дрекслер.
Според регионалниот директор на КфВ, Мориц Реме, обновливите извори на енергија веќе не се алтернатива, туку стануваат главен правец.
„Oдлично е да се види дека Владата и ЕСМ остануваат цврсто на овој пат, што исто така ќе придонесе за намалување на загадувањето во земјата“, вели Реме.
За претставникот на ЕБОР, Туркменоглу, денешниот чин е одлучувачки момент за енергетската иднина на државата.
-Ова е момент кога земјата ја потврдува својата силна посветеност со самодоверба да чекори кон почист и поотпорен пат. Проектот за ФЕ Битола 3 целосно го претставува тој избор. Трансформирањето на исцрпен рудник за јаглен во соларна централа е повеќе од инвестиција- тоа е декларација дека зелената транзиција е реална и дека силните партнерства можат да отклучат силна поддршка на нови начини, како и дека иднината навистина може да биде почиста, поправедна и побезбедна од минатото – истакна Туркменоглу.

Посебен фокус во овој инвестициски циклус е ставен и на проектот Ревитализација на хидроелектраните, чија вкупна финансиска конструкција изнесува 47,3 милиони евра, заокружена со денешниот дополнителен договор за заем од КфВ и значаен грант од 10 милиони евра преку ВБИФ механизмот на Европската Унија. Реализацијата на овој капитален проект ќе резултира со зголемување на домашното производство на електрична енергија од нашите хидропотенцијали за дополнителни 50 GWh, годишно.
Мицкоски: Градиме енергетски систем кој ќе биде отпорен на кризи
„Денес донесовме одлуки коишто ја обликуваат иднината на државата, ја зајакнуваат нејзината стабилност и ја дефинираат нашата визија за економски развој, безбедност и суверенитет“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Со потпишувањето на договорот за реализација на фотонапонската електрана „Битола 3“ и за ревитализацијата на хидроелектраните – Фаза 3, испраќаме, како што посочи премеирот, јасна и недвосмислена порака: енергетиката е еден од клучните национални приоритети и инвестиција од највисок стратешки интерес.
Посочи дека во современиот свет, енергетиката е прашање од суштинско значење за националната безбедност, економската конкурентноста и социјалната стабилност.
-Сигурниот, стабилен и сопствен енергетски систем е предуслов за отпорност на економски и геополитички предизвици, како и за долгорочен развој. Затоа, нашата определба е јасна: систематско, континуирано и одговорно инвестирање во енергетски капацитети, со цел да ја зајакнеме енергетската независност и да обезбедиме долгорочна сигурност за граѓаните и за стопанството, нагласи премиерот.
Според него, фотонапонската електрана „Битола 3“ е симбол на таа определба. Таа претставува чекор кон модерна, чиста и одржлива енергетика, која ја користи силата на природата во служба на јавниот интерес.
– Со ваквите инвестиции ја намалуваме зависноста од увоз на електрична енергија, го стабилизираме енергетскиот биланс и создаваме предуслови за предвидливи и пониски трошоци на долг рок, додава тој.
Истовремено, како што посочува премиерот, преку ревитализацијата на хидроелектраните – Фаза 3, покажуваме дека знаеме да управуваме мудро и со постоечките ресурси.
-Наместо да ги оставиме капацитетите да стареат, вложуваме во нивна модернизација, зголемена ефикасност и продолжен работен век. Ова е пристап кој носи најголем поврат за државата и за граѓаните. Овие инвестиции имаат и значаен економски ефект, преку отворање нови работни места, ангажман на домашната индустрија, развој на локалните заедници и зголемена конкурентност на националната економија. Стабилниот енергетски систем е основа за стабилна економија и подобар животен стандард за граѓаните, нагласи Мицкоски.
Владата, како што рече тој, изразува благодарност до Министерството за финансии, АД ЕСМ за нивната професионалност, експертиза и посветеност во спроведувањето на овие стратешки инвестиции.
– Посебна благодарност како Влада упатуваме до нашите меѓународни партнери – КфВ Банка и Европската банка за обнова и развој, за поддршката и довербата во реформските политики и визијата која е препознаена и дека нашите политики се кредибилни, одржливи и насочени кон иднината. Ова партнерство е пример како државата и меѓународната заедница можат заедно да градат проекти од стратешко значење, истакна премиерот.
Според него, оваа цел на Владата не е краткорочен ефект, туку долгорочна трансформација.
-Градиме енергетски систем кој ќе биде отпорен на кризи, флексибилен кон идните предизвици и усогласен со европските стандарди. Но, исто така систем кој ќе обезбеди енергетска сигурност денес, но и за генерациите кои доаѓаат. Затоа денес не зборуваме само за мегавати и инфраструктура. Денеска зборуваме за суверенитет, за одговорност и за визија. За држава која самоуверено ја гради својата иднина, истакна премиерот Мицкоски.