ЕСМ продава ноќни вишоци на аукција, цените ги формира побарувачката

АД ЕСМ продава ноќни вишоци на електрична енергија по пат на јавна аукција и наддавање од заинтересираните купувачи. За периодот 20.8.-26.8.20022г продадени се 1750MWh по цена од 303 ева за мегаватчас. Понуди дале четири понудувачи, и нивните последни понуди на крајот на наддавањето биле:140, 266, 293 и 303 евра за мегаватчас. Избрана е највисоката понуда која е добиена. Со оглед на цените кои се добиени од повеќе понудувачи, јасно се гледа дека постигната цена е таа која е реална за предметните шест дена.
На аукциите на АД ЕСМ за ноќни вишоци енергија од 02-07ч. може да се пријави да купи секој субјект кој е на слободниот пазар: трговци, стопански субјекти, државни институции итн., доколку имаат потреба од електрична енергија во тие часови.
Во однос на изјавите и споредбите на лидерот на опозициската партија, Христијан Мицкоски, ЕСМ не врши продажба на енергија на HUPEX, туку продава во земјата. Сите трошоци понатаму доколку таа енергија се носи надвор, ги сноси купувачот, како што се закуп на прекугранични капацитети и други издадоци на берзанското тргување, кои ја покачуваат крајната цена на берзата.
Кога веќе Христијан Мицкоски сака да говори на темата купување и продавање електрична енергија, повторно да потсетиме дека Мицкоски е тој кој во негов мандат во АД ЕСМ купуваше електрична енергија по 250e/MWh во време кога струјата се продаваше по 70е/MWh, велат од ЕСМ.
Претходно, преку Фејсбук статус, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека ЕСМ/ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 20 до 26 август од 2 до 7 часот во вкупна количина од 1750 MWh.
Цената по која овие ноќни вишоци се продадени е 303,75 €/MWh!
За истиот тој период цената на струјата на HUPX (референтна берза при утврдување на цената на струјата во Македонија) е 506 €/MWh. Мицкоски заклучува дека Македонија, граѓаните и ЕЛЕМ/ЕСМ за само 7 дена се оштетени за околу 22.000.000 денари и наместо вишоците да бидат понудени на стопанството кое плаќа според HUPX струја и грчевито се бори да опстане и да ги задржи работниците, парите се крадат и завршуваат во приватни џебови.