Ескалирачки говор на омраза – Софија реагира на искршените прозорци на клубот во Охрид


 

Министерството за надворешни работи на Бугарија го осуди вандализирањето на клубот на Бугарите „Цар Борис Трети“ во Охрид. Преку соопштение, Министерството вели дека „за помалку од два месеци ова е уште еден престап од омраза врз Бугарите во Северна Македонија. Ваквите акции опипливо и намерно ги попречуваат напорите за зајакнување на пријателството, добрососедството и соработката во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија“.

Софија инцидентот во Охрид го поврзува со опожарувањето на вратата на клубот „Ванчо Михалов“ во Битола „хероизацијата на неговиот сторител; повиците за откажување од Договорот за добрососедство со Бугарија; на ескалирачкиот говор на омраза во медиумскиот простор и социјалните мрежи во Северна Македонија; месеци агресивна јавна кампања против бугарските културни клубови; на законски измени кои ја загрозуваат слободата на здружување на Бугарите во соседната земја“.

Според Министерството имињата на клубовите не биле причина за „оваа кампања“. Тоа наведува дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ отворено повикува на итно затворање на сите бугарски клубови, без разлика како се нарекуваат. „Очигледно е дека во Северна Македонија се уште постои проблем со слободното изразување на бугарскиот идентитет. Убедени сме дека Министерството за надворешни работи на Северна Македонија ќе има навремена и соодветна реакција на она што се случи. Има конструктивен дијалог меѓу нашите две надворешнополитички институции“, стои во реакцијата.

Прозорците на клубот во Охрид беа искршени со камење ноќта спроти понеделникот.