ЕСА ја одложи мисијата „Егзо-Марс“ поради руската инвазија врз Украина


 Европската вселенска агенција (ЕСА) повторно го одложи лансирањето на роверот „Егзо-Марс“ на нам соседната „Црвена Планета“.

ЕСА лани изврши тестирање на падобран наменет за мисијата, но поради нападот на Русија кон Украина, лансирањето сега е одложено. „Егзо-Марс“ всушност требаше да биде лансиран летото 2020 година, но тогаш мисијата беше одложена поради пандемијата на коронавирусот и технички пречки.

На 28 февруари агенцијата истакна дека не се согласува со постапките на Русија и дека нема да соработува со оваа земја во мисијата за испраќање ровер во Вселената. Се наведува дека агенција целосно ќе ги спроведува санкциите кон Русија. А, поради тоа што мисијата „Егзо-Марс“ е заеднички проект на ЕСА и руската вселенска агенција Роскосмос, европската агенција не може да продолжи со проектот.

„Жалиме за човечките жртви и трагичните последици од војната во Украина. Приоритет е да се донесат соодветни одлуки, не само за нашата работна сила во програмите, туку и за целосно почитување на европските вредности кои отсекогаш го обликувале нашиот пристап кон меѓународната соработка“, се вели во соопштението на ЕСА.

Кога ќе се исполнат условите за продолжување на соработката, роверот ќе бара органски молекули и какви било знаци на живот на Марс. Планирано беше мисијата да отпочне наесен и да пристигне на Марс во 2023 година, но тоа нема да се случи.