„Ербас“ успешно тестираше модифициран авион за директни ултра долги летови


 Компанијата „Ербас“, најголемиот светски производител на авиони, вчера објави дека првиот од 12 модифицирани авиони „А350“ нарачани од австралиската авиокомпанија „Квантас“ го заврши својот прв лет.

„Квантас“ има намера да ги користи авионите на европскиот производител првенствено за да понуди директни екстра долги летови што го поврзуваат Сиднеј со Њујорк и Лондон.

Ултра долгиот „А350-1000ULR“ полета за првпат од францускиот град Тулуз. Леташе три часа и 43 минути над Франција и францускиот дел од атлантскиот брег, а авионот го пилотираа членови на тест-екипажот на „Ербас“, објави европскиот производител.

„По кампањата за пробни летови, MSN 707 ќе биде пренаменет според комерцијалните спецификации на „Квантас“ (Qantas), соопшти “Ербас“, додавајќи дека испораката на вториот авион за ултра долги релации на австралиската компанија е планирана за април 2027 година и „сега е во напредна фаза на конечно склопување“ и „подготвен да ја напушти халата за лакирање во наредните денови“.

„Квантас“ објави дека „успешниот прв лет го означува почетокот на двомесечна пробна кампања“ и дека подоцна во текот на овој месец ќе ја објави првата рута на таканаречениот „Проект Санрајс“ и кога ќе започнат првите комерцијални летови.

Превозникот во 2022 година нарача 12 модифицирани авиони „A350“. Во тоа време, планираше да започне со директни летови што го поврзуваат Сиднеј со градови како Њујорк и Лондон од крајот на 2025 година.

„Ербас“ претходно ги наведе проблемите со синџирот на снабдување како причина за доцнењето.

Во моментов нема директни летови што го поврзуваат источниот брег на Австралија со Европа.

Рутата Лондон-Сиднеј е долга 17.750 километри, што е повеќе од 1.500 километри подолго од рутата Њујорк-Сиднеј. Но, двете рути би траеле приближно исто време – до 22 часа – поради поповолниот ветер кон Европа.