„Ер трактор“ полета кон пожарот во Пробиштип – намалена видливоста на патот


Фото: Б. Грданоски

Голем пожар на отворен простор избувна претпладнево во атарот на Општина Пробиштип, при што густ чад се шири во околината и создава сериозни потешкотии во сообраќајот.

Според информациите, чадот формирал димна завеса над регионалниот пат Штип–Пробиштип, поради што видливоста е значително намалена, а возилата се движат со отежнато темпо.

На возачите им се препорачува зголемена внимателност и прилагодување на брзината на условите на патот.

Според ДЗС, пожарот избил меѓу селата Бучиште, Неокези и Петршино. Пожарот е локализиран во Бучиште, каде една куќа е изгорена, а дел од пожарот се префрла кон селото Ратавица.

Центарот за управување со кризи, пак, соопшти дека до 13 часорт, активни се три пожари на територијата на Македонија и сите се на отворен простор.

Како што се наведува во соопштението, активни пожари има во село Неокази, општина Пробиштип, каде гори ниска вегетација, во општина Штип во местото викано „Исар“, централно градско подрачје (ниска вегетација) и во селото Новоселани во општина Чешиново-Облешево (ниска вегетација).