„Епл“ почна да плаќа данок во БиХ
Една од најголемите светски технолошки компании, „Епл“, стана првата странска компанија што плати ДДВ во Босна и Херцеговина за услугите кои граѓаните на БиХ ги купиле преку Интернет.
Ратко Ковачевиќ, портпарол на управата за индиректно оданочување (ИТА) на БиХ, вели дека „Епл“ се регистрирал како ДДВ обврзник на 5 февруари 2021 година, а на 10 март за прв пат ја доставил својата ДДВ пријава преку „Делоит БиХ“, што е нивен даночен застапник, пишува БизнисИнфо.ба.
„На сите граѓани кои купиле одредени услуги преку Интернет од „Епл“ во февруари 2021 година, им се издадени фактури со пресметан ДДВ, што беше пријавено во ДДВ-пријавата на таа компанија“, рече Ковачевиќ.
Тој додава дека на овој начин сите други светски компании треба да пријават и да ја платат даночната обврска за сите услуги што компаниите од странство им ги даваат на граѓаните на БиХ.
Ковачевиќ посочува дека оние кои не можат или не сакаат да имаат своја компанија регистрирана во БиХ, можат да го сторат тоа преку застапник за данок и дека во БиХ има неколку реномирани компании кои се занимаваат со даночни и други консултантски услуги.
Освен БиХ, многу земји во Европа и во светот се соочуваат со овој проблем.
„Ние веруваме дека примерот на ‘Епл’ може да биде препорака до другите големи глобални играчи да ја исполнат својата обврска да плаќаат ДДВ на ист начин во БиХ. Бидејќи нашата земја има една од најниските стапки на ДДВ во светот, подобро им е да ја платат нивната даночна обврска за испораки направени во БиХ кај нас отколку да во земјите каде што е седиштето на овие компании и кои имаат значително повисоки стапки на ДДВ“, вели Ковачевиќ додавајќи дека тие се над 20 проценти.
„Стапката во БиХ од 17 проценти може да биде она што ќе ги охрабри компаниите да плаќаат ДДВ во БиХ. Ако тие го сторат тоа во БиХ, како што направи и ‘Епл’, сите законски обврски ќе бидат исполнети, како во земјата каде што се со седиште, така и во БиХ, земјата во која ја испорачале услугата, а во исто време ќе поминат подобро финансиски бидејќи ќе платат пониска стапка на ДДВ “, рече Ковачевиќ, пренесува Вечерњи лист.